Македонија
26. October 2017 - 11:12

Иванов: ЕУ да предложи датум за почеток на преговорите за членство

Очекувам Европската Унија да покаже одлучност и на Република Македонија да и даде датум за почеток на преговорите за членство, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во неговото обраќање на официјалната сесија на отворањето на Форумот Кран Монтана, што започна денеска во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА од европската престолнина, македонскиот претседател посочи и дека сите европски стандарди и принципи се усвојуваат додека течат преговорите за членство.

- Со секое затворено поглавје, земјата се европеизира и се приближува кон посакуваните европски стандарди. Унијата треба да разбере дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку пред се политичко и стратегиско прашање. Пораката до Унијата е да посвети поголемо внимание кон истокот и југоистокот на Европа. Да го продолжи проширувањето, да инвестира во инфраструктурното и енергетско поврзување, да го отвори просторот. Бидејќи само солидарни можеме да градиме регион и континент на безбедност, мир и благосостојба, рече претседателот Иванов.

Според Иванов одложувањето на проширувањето на Унијата дополнително ги усложни состојбите, а статус кво состојбата во интеграциите, во комбинација со економската криза и безбедносните предизвици ги направија Балканот и Република Македонија уште поранливи на надворешните фактори на дестабилизација.

- Најпрво, мигрантската и безбедносната криза покажуваат колку е неопходно да соработуваме на полето на регионалната безбедност за да одолееме на глобалните безбедносни закани и ризици. Добар пример за ваква соработка е помошта што ја добивме од неколку европски држави во екот на мигрантската криза. Овие земји покажаа солидарност на дело во спречувањето на илегалната миграција. Тоа е пример што Унијата треба да го следи. Второ, финансиската и кредитна криза покажува дека е неопходно да го поврзуваме регионалниот пазар за да бидеме конкурентни на глобалниот пазар. На тоа поле може да ни помогне Иницијативата 16+1 што им овозможува на државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа инфраструктурно да се поврзат, со што комплетира европскиот проект за слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал. Но, сето тоа ќе остане незавршено без третиот елемент, а тоа е проширувањето на Унијата, истакна претседателот Иванов во своето обраќање на денешното отворање на Форумот.

Во рамки на неговата дводневна работна посета на европската престолнина, претседателот Иванов вчера оствари средба со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, а за денеска попладне е предвидена и средба со заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи и европски прашања на Кралството Белгија, Дидие Реиндерс.