Балкан
24. February 2017 - 14:57

Иваниќ: Претседателството на БиХ е во тешка криза

Претседателството на Босна и Херцеговина е во криза, изјави денеска во Сараево претседавачот Милан Иваниќ и додаде дека неговиот колега Бакир Изетбеговиќ треба да биде прашан како да се надмине кризата.

Изетбеговиќ вчера ја напушти седницата на Претседателството на БиХ, бидејќи не сакаше да се изјасне по единствената точка на дневен ред - барање за ревизија на пресудата на Меѓународниот суд на правдата по тужбата на БиХ против Србија за геноцид.

- На тој начин Изетбеговиќ ја блокира работата на највисокиот државен орган во земјата, посочи Иваниќ.

Делегација на Босна и Херцеговина вчера повторно поднесе жалба пред Меѓународниот суд во Хаг за геноцид против Србија.

Барањето за обновување на жалбата беше поднесено без согласност од претседателството на БиХ.

БиХ поднесе жалба пред Меѓународниот суд во Хаг во 1993 година, кога го обвини Белград за етничко чистење на Хрватите и муслиманите за време на војната.

На 26 февруари 2007 година судот утврди дека силите на босанските Срби извршиле геноицид во Сребреница, кога беа убиени околу 8.000 муслимани, но Србија не е одговорна за организирањето на геноцидот.

Рокот за евентуално преразгледување истекува на 26 февруари годинава.