Македонија
25. јуни 2016 - 16:52

Инвестициите во Преспа ги враќаат туристите покарај преспанскиот брег

Продолжуваат владините инвестиции во туристичките содржини во македонските туристички места. Идниот месец Владата започнува со изградба на пешачка и велосипедска патека околу Преспанското езеро, во која ќе бидат инвестирани околу 1 милион евра.

Патеките ќе бидат комплетно хортикултурно и урбано уредени и осветлени, и ќе придонесат за унапредување на квалитетот на туристичката понуда на Преспа но и квалитетот на престој на туристите.

Покрај оваа инвестиција, во Преспанскиот регион Владата инвестираше и во изградба и уредување на две плажи. Првата во должина од 500 метри во месноста Стење, а втората кај Сливница во должина од 100 метри, за што беа инвестирани 1,3 милиони евра.

Уредувањето на брегот на Преспанското езеро со нови плажи и содржини останува во фокусот и во следниот период. За таа цел Министерството за транспорт и врски работи на проектна документација за дополнително уредување на  плажите во Крани, Претор, Коњско, Отешево и Сливница.

Заедно со субвенциите за привлекување на странски туристи, поддршката на евтините авио линии, оваа компонента на инвестирање претставува сериозен придонес во развојот на туризмот.