Хајндл на средби со партиските лидери - Орав порачува дека роковите се поминати
Специјалниот германски пратеник за Македонија во нов обид за придвижување на политичкиот дијалог во земјава.
Иако тој попладнево се сретна со сите политички партии потписнички на договорот од Пржино, сепак дводневаната посета овој пат ја заокружи без изјава за медиумите.
По средбата со Хајндл од ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение велат дека за нив изборите се единствено прифатливо и посакувано решение за надминување на политичката криза, но со оглед на искуството од досегашното однесување на СДСМ, треба да се одреди нов изборен датум кој подоцна нема да биде променет.
Во однос на избирачкиот список од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека СДСМ ќе мора да даде потврда и да се обврзе дека тој е прочистен, а во периодот кој следи посветено ќе се работи на подигање на довербата во Избирачкиот список, иако тој за ВМРО-ДПМНЕ не е спорен сегмент.
Во однос на сферата медиуми, беше истакнато дека ВМРО-ДПМНЕ се залага да не смее да се казннува, ниту новинар, ниту медиум за искажан став, како и релаксирање на казнената политика и одредби за медиумите со што ќе придонесе за зајакнување на нивната независност и ќе се влијае на унапредување на состојбите, се вели во соопштениот од владејачката партија.
На средбата со Хајндл, од страна на СДСМ било потенцирано дека не може да се организираат фер и демократски избори без исполнување на два клучлни услови.
И за Избирачкиот список и за медиумите можен е договор во следните денови, ако за тоа постои политичка волја, бидејки на маса се конкретни технички чекори што треба да се направат, а коишто може да не зависат од политичките партии. Постои јасна согласност дека само фер, регуларни и демократски избори се опција за напредокот на Македонија нејзините граѓани
Прочистувањето на избирачкиот список и медиумите биле главна тема и на средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Од неговата партија велат дека и натаму остануваат конструктивен партнер на сите кои сакаат надминување на политичката ситуација.
Единствено лидерот на ДПА, Мендух Тачи од средбата со Хајндл излезе без оптимизам за брзо решавање на кризата, бидејќи како што вели за тоа нема интерес меѓу партиите.
Хајндл попладнево се сретна и со евроамбасадорот Аиво Орав кој порача дека партиите немаат повеќе време за губење, неопходно е брзо спроведување на договорот од Пржино.
Според најавите, засилениот меѓународен притисок за брзо надминување на кризата ќе продолжи и следната недела, кога во земјава ќе пристигне и заменик-државниот секретар на САД, Викторија Нуланд.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
