Македонија
21. July 2017 - 11:51

Груевски: Не планирам да бегам, туку да победам на избори

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на денешната јавна седница на Апелацискиот суд во врска со случајот на СЈО „Титаник“ за изборни нерегуларности, истакна дека не сторил никакво кривично дело поради кое би се плашел и би побегнал. Вели дека едвај чека да почне судењето за да ја докаже својата невиност. Случајот на СЈО, смета Груевски, е политички прогон против него и неговите соработици.

- Со задоволство ќе се појавам на секоја покана од судот и едвај чекам да ја докажам својата невиност пред јавноста.  Никогаш не сум помислил да побегнам. Убеден сум дека не постои кривично дело кое сум го сторил и немам причина да се плашам и да бегам. СЈО води политички прогон против мене и моите соработниции. Знам дека нема и не може да има какви било докази оти такви не постојат, рече Груевски.

Тој додаде дека досега имал многу прилики да побегне, оти како претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер доста патувал, но секогаш се враќал.

Груевски нагласи дека секогаш кога добивал покана доаѓал во судот, а тоа, како што рече, го потврдува фактот што секогаш се појавувал на рочиштата во судската постапка за настаните пред општина Центар.

- Се подготвувам да победам на изборите и да ја вратам ВМРО-ДПМНЕ на власт, а СЈО сака да ме спречи во тоа. Мојот политички опонент, против кого има судска постапка, ги одбегнува рочиштата со образложение дека има средби со амбасадори, кои може кога било да ги оствари. Како може за него да нема, а за мене судот да бара мерки, праша Груевски за време на неговото излагање.

Со постапките против мене, посочи, СЈО прави обид за моја политичка дискриминација, деградација и елиминација како и обид за мое понижување.

Експремиерот истакна дека никогаш не избегнувал покани на СЈО, кога добил покана се јавил во СЈО. - Секогаш при патувањата сум ги известувал дека патувам, иако не сум имал обврска за тоа. Секогаш уредно сум ги известувал кога сум имал најчесто кратки патувања, рече Груевски.

Во Апелацискиот суд денеска треба да се одржат јавни седници и за други жалби на СЈО и на обвинети во „Тираник“, меѓу кои и поранешните министри за транспорт и врски Мили Јанакиески, за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на премиерскиот кабинет Мартин Протоѓер и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски.

Седниците се закажани откако СЈО за случајот „Титаник" се жалеше на одлуката на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 со која на обвинетите место притвор, им беа определени мерки на претпазливост. Жалби на одлуката на првостепениот суд поднесе и одбраната на обвинетите. Судот има рок од 48 часа да донесе одлука.

Судот досега ги одби сите поднесени жалби на решенијата на Кривичниот суд во врска со предметите на СЈО.