Македонија
3. December 2016 - 20:39

Груевски: Единствениот излез од кризата се 63 пратеници

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа за пратеници во Четвртата изборна единица Никола Груевски вечерва од Пробиштип порача дека единствениот начин за излез од кризата е Коалицијата за подобра Македонија да добие 63 пратенички места.

Пред жителите на Пробиштип, Груевски оцени дека СДСМ бара начин како да ја пролонгира политичката криза во државата.

-  Видоа дека ќе изгубат, па сега велат дека разликата ќе биде мала и дека ќе прават голема коалиција. Голема коалиција е само пролонгирање на кризата, а исто така и продолжувањето со работа на СЈО, надвор од законските 18 месеци. Сето тоа е продолжување на кризата со цел да се остварат туѓи интереси. Бараат начини како кога ќе изгубат да ја пролонгираат кризата. Има само еден начин да се излезе од оваа криза, а тоа е поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за 63 пратеници, рече Груевски.

Тој најави дека во следниот период планираат зголемување на просечната плата со отворање на нови работни места, како и зголемување на пензиите и социјалната помош. 

- Планираме во идните четири години да отвориме 70.000 нови работни места. Само преку мерката за самовработување се вработени над 12.000 лица, а сигурно бројката ќе беше поголема да не постоеше кризата. Извозот порасна за четири милијарди, а да потсетам дека во 2005 изнесувал само една милијарда. Извозот и увозот во времето на СДСМ се помали само од извозот во моментов. Дадовме под закуп над 60.000 хектари земјиште, овозможивме над 2.000 трактори и механизација преку принципот 50/50, се изградија над 74 нови училишта, преведовме и испечативме над 1000 книги и учебници на кои се учи на десетте реномирани факултети во светот, изградивме и многу тениски и фудбалски игралишта, истакна Груевски.

На митингот се обрати и генералниот секретар на партијата Емил Димитриев, кој најави реконструкција на патот од Пробиштип до Крупиште, изградба на нов пат од Пробиштип до ски центарот Пониква, гасификација на Пробиштип и реализација на втората фаза од хидросистемот Злетовица. 

Димитриев најави и почеток со работа на новата фабрика во индустриската зона Неокази Кранфилд Фаундри во која ќе бидат вработени 280 луѓе.

- Досега на објавените огласи има над 400 апликации што покажува кој е интересот на нашите граѓани. Пред две недели имав состанок со сопственикот на фабриката и имаме договорено уште една убава вест за Пробиштип. Тие сега до оваа парцела ќе купат уште една и за една година од почнувањето со првата линија ќе отворат и втора линија – нови 250 вработувања во Пробиштип. Инвестицијата ќе достигне вредност од околу 30 милиони евра, посочи Димитриев.

Носителот на листата во Третата изборна единица Илија Димовски потсети дека во изминатиот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ вложувала во изградба на капацитети и привлекување на странски инвеститори. 

Порано не можеше да се помисли на автопат, експресни патишта, клиничка болница, универзитети во овој дел на Македонија, рече Димовски.

Тој порача дека на овие избори народот мора два пати да размисли за кого ќе гласа, бидејќи, како што рече, овие избори се референдум за Македонија и за унитарноста на државата.