Македонија
12. March 2016 - 15:18

ГРОМ: ДИК да го објави ажурираниот Избирачки список од 1 март

Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) денеска ја повика  Државната изборна комисија (ДИК) да одговори зошто во јавноста  е пуштен Избирачки список од 1 декември 2015 година  и каде е ажурираниот список од 1 јануари, 1 февруари и од 1 март.

- Исполнете ја својата законска обврска и објавете го ажурираниот избирачки список од 1 март, за јавноста сама  да ги воочи вашите манипулации, рече на прес-конференција генералниот секретар на Граѓанската опција за Македонија Виктор Цветковски.

Според изборниот законик донесен на 10 ноември 2015 година, појасни Цвтековски, член 41 единствено надлежен за избирачкиот список е ДИК. - Според член 31, точка 28 Д, истиот законик, ДИК е должна еднаш месечно да го ажурира избирачкиот список. ГРОМ ја прашува ДИК - Зошто во јавноста пушти избирачки список од 1 декември 2015 година? Каде е ажурираниот избирачки список од 1 јануари, 1 февруари и од 1 март? Зошто ДИК ја манипулира јавноста, рече Цветковски.

Пред секои избори, укажа Цветковски, политичките партии и плаќаат на ДИК по 150 илјади денари и го добиваат комплетниот избирачки список со цел, како што рече, да направат сопствена теренска проверка на своето членство, симпатизери, како и на останатото гласачко тело и доколку има забелешки и нелогичности, во законски утврден рок ги доставува до ДИК. Таквите забелешки ДИК ги проверува, и потоа, пречистениот избирачки список е списокот со кој се оди на избори и врз основа на него граѓаните гласаат, појасни Цветковски.

Тој праша „како е можно СДСМ во 2008, 2009, 2011, 2013 и во 2014 година, односно во пет изборни циклуси да не ги воочи аномалиите и да оди на избори“.