Македонија
2. December 2015 - 20:07

Грција не запира со пропуштањето на економски мигранти

Состојбата на јужната гранична линија е стабилна и под контрола. И покрај повремените тензии кои ги создаваат таканаречените економски мигранти кои се наоѓаат на грчка територија некои поголеми проблеми нема. Исто како и во текот на изминатите неколку дена тие протестираат на самата гранична линија и не отстапуваат од намерата да продолжат со патувањето.

Претпладнето додека едната група протестираше и скандираше веднаш до  оградата  друга се обиде насилно да ги пробие заштитните огради кои се наоѓаат на грчка страна на делот од каде се пропуштаат бегалците кои доаѓаат од воените подрачја.  Нервозните мигранти во таквата намера беа спречени од грчките полицајци кои не им дозволија да продолжат и да влезат на македонска страна.

Македонските безбедносни сили и покрај тоа што беа подготвени за реакција немаше потреба да интервенираат. После еден час  состојбата целосно се смири, а мигрантите се повлекоа назад на грчка територија. За разлика од економските, бегалците кои доаѓаат од земјите со воен конфликт и понатаму без проблем ја минуваат границата.

,, Денеска е релативно мирно исто како и во изминатите неколку денови. Вчера поминаа околу 2400 лица, а од синоќа до сега некои две илјади. Луѓето доаѓаат,  се регистрираат, добиваат хуманитарна помош и главно продолжуваат понатаму. Во последните десетина дена бројот на луѓето кои доаѓаат е стабилен. Тие се задржуваат тука во Гевгелија по неколку часа и продолжуваат понатаму.,, вели Дејан Кладерин - УНХЦР

Проценките велат дека бранот на бегалци кои имаат намера да транзитираат низ Македонја нема да запре наскоро, но колкав ќе биде нивниот број и со каква динамика ќе пристигаат на југот од државата засега неможе да се претпстави. Најголемо влијание ќе имаат временските услови и тоа пред се на грчките острови.