Македонија
8. February 2018 - 16:13

Грција не се откажува од барањето за уставни промени

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос го повтори неговиот, но и ставот на владата дека се потребни промени во македонскиот устав за, како што вели отстранување на иредентистичките позиции, без да ги прецизира истите.

,,За да постои решение на прашањето за името, оваа земја, која за жал во нејзиниот Устав има поставено прашања поврзани со името и други иредентистички прашања, треба да ги донесе сите промени во правниот поредок, особено во Уставот, за да може да се најде решение на името, без иредентизам и да оди кон процесот за интеграција во НАТО и ЕУ. Ги чекаме овие промени, кои, го потенцирам тоа, се предуслов за да постои каква било перспектива за интеграција во НАТО и Европската унија‘‘, рече Павлополулос на почетокот на средбата со грузискиот претседател.

Во грчките медиуми како една од главните вести поврзана со спорот за името се потенцира одлуката на владата за промена на имињата на аеродромот и автопатот.

Од друга страна, министерот за надворешни работи во сенка од Неа Демократиа, Јоргос Кумуцакос, изјави дека Заев и Димитров ги исцртале македонските црвени линии со ставот дека нема да се преговара за промена на уставот и македонскиот идентитет.

,,Со други зборови, патните знаци се менуваат, но не и местата‘‘, изјави Кумуцакос и го повика Ципрас да ги објасни владините црвени линии, над кои ќе му дозволи на Скопје да се придружи кон НАТО и ЕУ.

Во меѓувреме, и американскиот генерал и поранешен врховен командант на НАТО Џејмс Ставридис, инаку од грчко потекло, укажува на потребата од итно членство на Македонија во НАТО.

,,Ја следев поранешната југословенска Република Македонија низ годините. Тие се партнер на НАТО, но не и НАТО сојузник. Тие се силен контрибутор и мислам дека имаат многу да и понудат на Алијансата. Од друга страна ја разбирам емоцијата за регионот Македонија и зошто е тоа предизвик за грчката јавност. Се надевам дека може да се најде дипломатско решение со кое поранешната југословенска Република Македонија ќе го смени името на некој начин што е прифатлив за Грција. Тие преговори продолжуваат. Се надевам дека ќе успеат бидејќи мислам дека е важно да го консолидираме Балканот и да го внесеме во транс-атлантскиот свет, односно во НАТО‘‘, изјави Ставридис. 

Според зборовите на генералот, без НАТО или без Турција како членка на Алијансата, Грција ќе имала големи проблеми со оваа земја.