Македонија
19. October 2017 - 16:27

Горан Грујовски и Никола Бошковски се уапсени во Солун, потврдија од МНР

Поранешниот началник на Петтата управа на УБК Горан Грујовски и неговиот заменик Никола Бошковски вчеравечер биле уапсени во Солун, потврдуваат од македонското министерство за надворешни работи. Според грчките медиуми Грујовски и Бошковски биле приведени на солунскиот аеродром во обид да ја напуштат државата.

 Од МНР велат дека во текот на денот документите добиени од грчките власти ќе ги препратат до МВР и Министерството за правда.

По добивање на официјалното известување од Интерпол за апсење на  двајцата осомничени во три предмети на Специјалното обвинителство, правда ќе може да ја почне постапката за нивна екстрадиција. До грчките власти ќе биде испратен обвинителниот акт и сите докази врз основа на кои судот ќе одлучи дали приведените ќе бидат екстрадирани, но целата оваа постапка може да трае и повеќе од три месеци.

 Грујовски и Бошковски се недостапни за македонската полиција од 18 јули кога им беше одреден 30-дневен притвор. Како поранешни началници во УБК Специјалното обвинителство ги сомничи за уништување на опремата за прислушување, а обвинети се во предметите „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.