Свет
20. December 2016 - 17:02

Германска полиција: Извршителите на нападот можно е да се на слобода

Еден или неколкумина извршители на смртоносниот напад извршен со камион на божиќен пазар во Берлин можно е се уште да се на слобода, соопшти денеска полицијата.

– Истрагата е во сите насоки, изјави Холгер Муенх, шеф на германската федерална полиција.

Официјални лица во Гермнаија признаа дека се уште е нејасно дали осоничениот Пакистанец приведен од полицијата вчера е возач на камионот со кој на божиќниот пазар беа убиени 12 луѓе и 48 повредени. Приведениот е на возраст од 23 години и е подносител на барање за азил кој негира вмешаност во нападот.

– Имаме погрешен човек и поради тоа и нова ситуација. Вистинскиот извршител е се уште вооружен, на слобода и можно е да направи нови штети, изјави извор од германскат аполиција за весникот Велт.

Маж од полска националност беше пронајден застрелан во камионот со кој беше извршен нападот.

Министерот за внатрешни работи Томас де Мезиер изјави претходно дека не е пронајден пиштолот со кој е убиен совозачот во камионот. Тој нагласи дека засега никој не презел одговорност за нападот.

Германската полиција побара од жителите на Берлин да бидат „особено внимателни“ по нападот извршен вчера со камион на божиќен пазар бидејќи извршителот најверојатно е се уште на слобода.

– Во случај на сомнителни дејствија, ве молиме не истражувајте сами. Тоа е наша работа, наведе германската полиција на Твитер.

Германскиот главен обвинител Петер Франк рече дека методот употребен за нападот е ист како и во Ница каде загинаа 86 луѓе во јули.

Камионот со кој бил извшен нападот ја напуштил Италија во петокот со товар од фабрика за лим и на 16 декември ја минал италијанско-австриската граница. Засега нема полициски извештаи за поврзаност на Италија во нападот.

Според шефот на полицијата Клаус Кант, пакистанецот кој е уапсен не бил на листата на разузнавачките агенции дека треба да се следи. Претходно бил приведуван за ситни прекршоци.

Во 2015 година во Германија влегоа околу 890 илјади мигранти.