Свет
29. April 2017 - 14:32

Германија не е виновна што е успешна

Секогаш повторно се слушаат критики на сметка на Германија бидејќи поради послабото евро нејзиниот извоз постојано расте. И коментаторот на Дојче веле Ролф Венкел го застапува многу раширеното мислење дека Германија „не е виновна што е успешна”. 

Треба да се признае дека надворешнотрговскиот вишок во Германија е се поголем. Причина за тоа е дека ние произведуваме повеќе од што ни треба, а дека продаваме повеќе стока и услуги во странство од што ги купуваме. За десет години тој суфицит е двојно поголем, од 4 отсто од БДП на 8,6 отсто минатата година.

Тој надворешнотрговски вишок кај многумина е трн во око. Европската комисија зборува за „нерамнотежа” ако тој вишок кај некои земји надмине 6 отсто од нејзиниот Бруто национален производ. Шефицата на ММФ Кристин Лагард вели дека е легално во земја во која жителите се се постари својот фокус да го насочува на извозот, но прашањето е количината: „4 отсто можеби можат да бидат оправдани, но 8 отсто не се”.

Неодамна се огласи и францускиот претседателски кандидат Емануел Макрон и за германската извозна сила рече дека „повеќе не може да се издржи”. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле тие обвиненија овие денови мора да ги слуша и во Вашингтон на пролетното заседание на ММФ и Светска банка кога се состануваат и министрите на земјите на Г-20.

Реформи на пазарот на трудот и ниски плати

Треба и тоа да се признае: Германија моментално е исклучително конкурентна во меѓународни рамки. Таа од почетокот на векот, со реформите на пазарот на трудот и ниските плати, од пациент на Европа се претвори во нејзина локомотива. Платите се договараат со колективни договори, меѓу синдикатите и работодавците, државата тука нема што да каже. И државата не може да се обвинува дека својот пазар на трудот така го реформира па бројот на невработените е намален и создадени се нови работни места.

Дали германските извозни производи, машини или автомобили се премногу евтини? Тој приговор порано беше точен, во 50-тите и 60-тите кога германската марка беше исклучително потценета. Денес монетарната политика се води во Европската централна банка, а на неа Берлин нема никакво влијание. Драги создава слабо евро и ниски каматни стапки. Ако Германија имаше марка, нејзината вредност веројатно би скокнала и би го закочила германскиот извоз. Истото важи и за ниските цени на сировините и енергијата кои овозможуваат конкуретност на германската индустрија. Но, тоа истото важи и за италијанската или француската индустрија. Наспроти тоа, ние продаваме 36 отсто наша стока и услуги во еврозоната.

Ние сме едноставно премногу добри

Речиси и не се осудуваме да кажеме, но: може ли германскиот извозен успех да има некоја врска со квалитетот, поврзан со довербата, точноста и сугурната испорака?

Да земеме конкретен пример: нашата размена со САД лани изнесуваше 164 милијарди долари. Проблемот е дека ние во САД продадовме стока во вредност од 115 милијарди, но таму купивме стока во вредност од само 49 милијарди. Но, тоа само покажува дека Американците очигледно го бираат германскиот квалитетен производ. САД извезуваат компјутери, софтвери и авиони.

За бензин гладни американските пик-апи сигурно не се американски извозен хит, а слатката кока-кола и така во секоја земја ја мешаат нејзините лиценцирани партнери, така всушност и не се смета како извоз. И на Трамп ќе му биде тешко да направи пресврт во односите, бидејќи имаат структурни причини кои нема да исчезнат со неколку претседателски укази.

Додуша, постојат и неколку мерки кои би можеле да го намалат германскиот вишок. Поголеми плати на вработените на пример би ги поскапеле германските производи и истовремено би поттикнале и поголема домашна потрошувачка.

И државата може да ја поттикне таа потрошувачка така што би инвестирала во инфраструктурата, во железницата, патиштата, училиштата и универзитетите, становите и во брз интернет.

Германските производители поради тоа не би се бунеле, бидејќи работата дома секогаш е посакувана. Да, германскиот надворешнотрговски суфицит е резултат на малите инвестиции во земјата. Германија е заситена и се постара, пазарите кои ќе растат се наоѓаат некаде на друго место.

Но, сето тоа објаснува само мал дел од германскиот вишок во извозот и во секој случај не ги оправдува толку жестоките критики од странство. Се чини дека тие критики се показател дека за дефицитите во сопствената земја виновникот се бара на друго место, наместо да се спроведат реформи. 

Дојче веле - Бон