Македонија
4. May 2017 - 16:09

Џафери испрати писмо до Иванов, Заев најавува средба со претседателот за предавање на гаранциите

Талат Џафери со писмо го известил претседателот Иванов за новото парламентарно мнозинство.  Од кабинетот на Иванов попладнево потврдија дека до нив е пристигнато писмо од Собранието на Република Македонија. Оттаму велат дека шефот на државата ќе постапи согласно Уставот и воспоставената практика.

Можност за средба со Иванов денеска најави и лидерот на СДСМ Зоран Заев кој рече дека очекува час поскоро да го добие мандатот за состав на новата Влада.

Покрај решавањето на правниот аспект со десетте дена јас сум подготвен да го посетам господинот Иванов. Ќе разговарам со коалициските партнери и лидерите да одиме заедно и уште еднаш да ја гарантираме унитарноста, уставноста, мултиетничноста, НАТО и ЕУ и перспективите на државата. Уште еднаш да го гарантираме и да го потврдиме се во функција на час поскоро да се додели мандатот. И од наша страна да не ги користиме дваесетте дена и да излеземе пред парламентот со предлог на новата влада, рече лидерот на СДСМ

Во однос на албанското знаме кое вчера беше поставено на работната маса во кабинетот на претседателот на Собранието, Заев попладнево побара од Талат Џафери да ја поправи грешката и да ги почитува законите и Уставот на Македонија.  

 Сакам да се почитуваат законите и Уставот на Република Македонија без разлика дали кршењето на закони или доаѓа од наш коалициски партнер или не. Секој треба да има политичка и законска одговорност. Законите во Македонија се јасни и тие треба да се почитуваат. Ако се случила одредена грешка тој што ја направил, се надевам, дека ќе ја поправи. Мораме да испратиме конечно пораката дека Уставот и законот не може повеќе да се газат и тоа да се покажува како патриотски чин, без разлика дали е тоа од Македонците, Албанците, Турците, Србите, рече Заев.

Овој настан го осуди и ВМРО-ДПМНЕ.

И по сите овие реакции Талат Џафери е категоричен дека албанското знаме кое го постави во кабинетот не ја загрозува државноста и унитарноста на Македонија.