Македонија
29. August 2016 - 13:35

Две сообраќајки во Тетовско предизвикани од животни

Едно повредено лице и вкупна материјална штета од 40 илјади денари се последиците од двете сообраќајни несреќи со животни што изминатиот викенд се случиле на две различни места во Тетовско, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Несреќата со потешки последици се случила во саботата околу 23 часот на регионалниот пат Тетово Јажинце откако патничко возило „Мерцедес“ со тетовски таблици, управувано од Н.М.(32) од Доброште удрило во коњ кој без надзор се движел по коловозот.

- Од ударот на возилото во коњот била повредена 21-годишната сопатничка во возилото Г.Ш. од Урошевац, која со друго возило била пренесена во Тетовската клиничка болница и по укажаната помош била пуштена на домашно лекување. Причинетата материјална штета се проценува на 30 илјади денари, изјави Јосифовски.

Втората сообраќајка се случила вчеравечер околу 22 часот на автопатот Тетово-Скопје во близина на клучката за Желино кога патничко возило „Ауди А3“ со скопски таблици управувано од Д.С.(52) од Глумово налетало, удрило и усмртило куче-бездомник. Нема повредени во возилото, а вкупната материјална штета во несреќата се проценува на 10 илјади денари.

И во двете несреќи предизвикани од животни биле извршени комплетни увиди од страна на полицијата.