Македонија
12. March 2024 - 16:37

Државата под лизинг бара 45 возила, дали е исплатливо земањето под наем?

Владата на лизинг бара 45 возила од висока класа. Лимузините треба да бидат нови, дизел, од минимум  2,000 сантиметри кубни моторна зафатнина, со црна или металик боја, автоматик, со минимум 7 брзини, сензори за паркирање и 6 воздушни перничиња - наведено е во огласот кој трае до 27 март.

- Понудата нема да биде прифатена ако цената е невообичаено ниска. Сепак -  ако понудувачот докаже дека користи субвенции од државата и понуди невообачаено ниска цена, понудата ќе се прифати, стои во огласот. Додека трае договорот од 3 години на користење, операторот ќе биде должен да обезбедува сервис, регистрација, зелен картон, пренос на дефектното возило.

Инаку до сега Владата 4 пати изнајмува автомобили од висока класа. Ги користи 3 години, а потоа ги враќа. За таа услуга плаќа речиси иста цена колку што чини да се купи нов автомобил од истиот модел.  Експертите велат – ваквиот начин на луксузирање во никој случај не е исплатлив.

- Нема математика. Ги земаат како да купуваат ново возило, за 2,3 илјади евра поевтино, а потоа ги враќаат. Значи ем ги плаќаат како нови, ем ги враќаат. Оперативниот лизинг е за друга намена. За таксисти, дистрибутери, не е за луксузирање за кое државата плаќа по скоро 2 милиони евра од буџетот за нешто што не останува за неа. Пари фрлени во ветар. И тоа на тендерот има само еден понудувач, значи нема конкуренција, изјави Герман Филков, Центар за истражување и комуникации.

Праксата за изнајмување почна во 2012-та година. Тогаш набави 23 лимузини фолсфаген пасат, за кои плати 860 илјади евра. Од 2013 до 2015 за 42 пасати плати 1,7 милиони евра. Од 2018 до 2020, сумата за возење на 46 министри, достигна 1,8 милиони евра. 

Во последниот договор – од 2020 до сега потрошени се 1,75 милиони евра, за изнајмување на 45 шкоди суперб. До сега потрешени се вкупно 6,5 милиони евра, за возила кои не останале во сопственост на државата.