Бизнис
26. September 2017 - 11:41

Договорена соработка меѓу поштите на Македонија и на Словенија

Македонска  пошта и Словенечка пошта потпишаа меморандум за соработка. Меморандумот предвидува користење на искуствата од Словенечка пошта за иден развој на Македонска пошта.

Договорено е приоритет да биде користењето на ИТМ апликацијата на Словенечка пошта за царинење на поштенски пратки од страна на Mакедонска пошта.

Апликацијата ќе го поедностави процесот на царинење на поштенски пратки од интернет нарачки, што ќе значи големо олеснување за работата на Македонска пошта и Царинската управа на Македонија.

Во соопштението од Македонска пошта се наведува дека генералниот директор Фадис Реџепи за време на посетата на Словенија имал состанок и со преставници од Школскиот центар за пошта, економија и телекомуникации во Љублана. Биле разгледувани можностите Македонска пошта да испрати свои вработени за дообучување и специјализација. Вработените по завршување на специјализацијата ќе бидат ангажирани за интерно обучување на другите вработени во Македонска пошта.

Претставниците на Македонска пошта по престојот во Словенија ќе го посетат Пост – експо 2017, настан организиран од Светски поштенски сојуз – УПУ во Женева.