Македонија
8. December 2017 - 16:34

Дневно помеѓу 40 и 50.000 граѓани во Македонија пијат антибиотици

 

Дневно помеѓу 40 и 50.000 граѓани во македонија пијат антибиотици. Загрижувачки е што повеќето овој лек го користат на своја рака и за обична настинка. Експертите предупредуваат дека прекумерната употреба на антибиотици доведува до отпорност и истата терапија нема да делува кога навистина ќе има потреба од лекување. Лани 70-тина граѓани станале резистентни најчесто на бактериите Ешерихија коли и Стафилокока

Еден цел град во Македонија со средна големина е на антибиотици. Според податоците од надлежните здравствени институции секојдневно антибиотска терапија користат од 40 до 50.000 граѓани. Загрижувачки е што повеќето овие лекови ги пијат на своја рака дури и за обична настинка посебно овој период од годината.

-Најголемиот број од инфекциите кои во моментот циркулираат се од вирусно потекло. Но, тоа не значи да се пијат антибиуотици, изјави доц. д-р Голубинка Бошевска, национален координатор за антимикробна резистенција.

Доктор Бошевска предупредува дека прекумерната и нерационална употреба предизвикува отпорност на антибиотици, односно нема да делуваат кога луѓето навистина ќе имаат потреба од нив. Лани 70-тина граѓани станале резистентни на бакериите ешерихија коли и стафилокока. Проблем во државата е и што болниците ги сокриваат и не ги пријавуваат интрахоспитални инфекции и нема точни податоци колку лица имале сериозни компликации по здравјето.

-Нема болница во светот во која нема интрахоспитални инфекции, но кај нас на тоа се гледа стигматизирачки додаде д-р Бошевска.

И СЗО последниот период се погласно предупредува дека светот останува без ефикасни антибиотици поради неразумното користење, а од најотпорните инфекции годишно умираат околу 250.000 луѓе.