Иран ја информираше МААЕ дека почнува со производство на збогатен ураниум
08.02.2010 - 22:03 |
Иран денеска во официјално писмо ја информираше Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена дека од утре почнува да произведува збогатен ураниум.
- Денеска го врачивме писмото, изјави иранскиот претставник во МААЕ, Али-Асгар Солтание, додавајќи дека Техеран ќе ги користи сопствените резерви за производство на ураниум збогатен за 20 отсто.
Производството на атомското гориво би требало да се изврши во нуклеарката Натанц, а ураниумот ќе се користи за истражувачкиот реактор во Техеран, кој произведува медицински изотопи.
Шефот на иранската Организација за атомска енергија Али Акбар Салехи синоќа најави дека Иран денеска официјално ќе ја информира МААЕ за почеток на производство на нуклеарно гориво, нагласувајќи дека производството ќе биде прекинато доколку добие збогатен ураниум од странство.
Салехи, исто така, истакна дека Техеран во текот на следната година, која во Иран започнува на 21 март, ќе започне изградба на 10 нови постројки за збогатување ураниум.
Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад вчера побара од Организацијата да почне со производство на збогатен ураниум бидејќи не е постигнат договор за набавување на гориво од странство.
Иран смета дека како потписник на Договор за неширење нуклеарно оружје има право да збогатува ураниум за мирнодопски цели.
Гејтс и Кушнер најавуваат воведување нови санкции за Иран
Меѓународната заедница нема друг избор туку да направи чекори кон воведување нови санкции за Иран поради неговата нуклеарна програма, бидејќи Техеран ја отфрли понудата на Запад, изјави денеска во Париз американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс.
- Мораме и понатаму да се обидуваме да најдеме мировен начин за решавање на овој проблем. Единствен пат кој ни остана во моментов, мислам дека е притисокот врз Иран да продолжи, но тоа ќе бара соработка на меѓународната заедница, истакна Гејтс на заедничката прес-конференција со францускиот колега Ерве Морен.
Шефот на француската дипломатија Бернар Кушнер оцени дека последните потези на иранските власти се еднакви на уцени и поради тоа се потребни нови меѓународни санкции.
- Ова е навистина уцена, а тоа е многу негативно. Единствена работа која можеме да ја направиме е да примениме санкции имајќи предвид дека преговори не се можни, додаде Кушнер.
Тој нагласи дека меѓународната заедница ќе продолжи да ја убедува Кина, која е постојана членка на Советот за безбедност на ОН, за неопходноста на воведувањето нови санкции за Иран.
Иран денеска во официјално писмо ја информираше Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена дека од утре почнува да произведува збогатен ураниум.
Свет
|


















Коментирај