Кралицата е родена на 21 април, но тоа е нејзиниот „приватен“ роденден што таа секоја година го одбележува само со најблиските членови на своето семејство. Официјалниот роденден на британскиот суверен, што се одбележува и со традицоналната смотра и парада на кралските воени единици во центарот на Лондон, се одржува во јуни, а оваа година е предвиден за следната сабота.
Тоа е денот кога службено ќе се одбележи роденденот на кралицата во Велика Британија и кога таа прима честитки од земјата и од странство. Стејт департментот и Клинтон честитаката во името на американскиот народ и претседателот Барак Обама, меѓутоа, ја испорачаа уште во петокот. Во неа државниот секретар и посакува среќен роденден, величајќи ја нејзината долговечност и постигнувања што таа досега ги има постигнато, посакувајќи им мир и просперитет на луѓето во Обединетото кралство.
Хилари Клинтон уште ги истакнува и традиционалните „специјални врски“ меѓу САД и Велика Британија, за кои рече дека „продолжуваат заедно, еден покрај друг, соочувајќи се со предизвиците на 21 век“.
Лондонските медиуми кои го бележат случајот, велат дека на топлата и политички одмерена порака нема што да и се забележи, освен што е стигната цела една недела порано од денот кога вистински требало да се испорача.
Претставник на Стејт департменот ја призна грешката, обидувајќи се да ја намали тежината на гафот со објаснувањето дека е „подобро честитката да стигне порано, отколку подоцна“. Портпаролот на Бакингамската палата во Лондон изјави дека станува збор за „очигледна грешка“, но одби да каже дали од Вашингтон стигнало и официјално извинување.
Различното одбелезување на приватниот и службениот роден ден на британскиот суверен е почнато уште од времето на кралот Едвард Седми. Тој бил роден во ноември, но сакал роденденската парада да се изведува во јуни, за да може да ужива во летното време.
Коментирај