Убиен кумановецот Линка кој го уби командантот на "Лавовите"
Како што соопшти СВР Куманово, синоќа околу 22:30 часот граѓанин телефонски се јавил во полицијата и пријавил дека на ул. „Гоце Делчев“ пред влез бр. 1 на локалитетот Гарнизон забележал непознато машко лице како лежи на земја, со рани од огнено оружје.
- Увид на лице место извршија истражен судија, јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово и по извршените проверки и разговори констатирано е дека со огнено оружје засега непознат сторител неколку пати пукал во главата на 50 - годишниот Горан Стојковски од Куманово, кој починал на лице место, се вели во соопштението.
На местото на настанот подигнати биле чаури кои се доставени за понатамошна обработка и вештачење, а телото на починатиот е предадено во Институтот за судска медицина во Скопје поради обдукција.
Полицијата привела десетина лица осомничени за нападот и работи на расчистување на случајот. Повеќе информации се најавуваат во текот на денот.
Педесетгодишниот Горан С. бил осуден за двојно убиство и два обида за убиство, на осум години затвор.
Во 2005 година пред неговиот клуб „Линка“ во Куманово тој ги уби лавот Горан Георгиевски-Мујо и Ненад Вељковски- Чавка. Во инцидентот беа повредени и Роберт Иванов и Драган Илиќ.








