Старите скопјани го поддржуваат барокниот стил на центарот на градот
Проектот „Скопје 2014“ според кој во центарот на градот ќе бидат поставени споменици на историски личности и нови згради на институции во барок стил, беше тема на која група стари скопјани денеска разговараа за новиот изглед на градот.
Модераторот на средбата Данило Коцевски истакна дека по скопскиот земјотрес сите сонувале за Скопје кое што исчезна. Тој посочи дека посакувале да се врати старото Скопје или барем некои од објектите, додавајќи дека после толку години некој се сетил и на тоа.
Според него, со новиот изглед на градот ќе престане разделбата меѓу генерациите и оти младите ќе можат да го видат офицерскиот дом, театарот и ќе имаат можност да ги посетат.
Коцевски потсети дека од левата страна на реката Вардар каде ќе бидат изградени новите објекти, претходно поголемиот дел од зградите биле во барок стил. - Таму имало црковен музеј еден од најдобрите на Балканот, Скопската митрополија изградена е во 1783 година, тука било француско и грчко школо, а имало и зграда на суд, појасни тој.
Сопружниците Петранка и Борче Димишкови го поддржуваат проектот за уредување на градот, изразувајќи надеж дека Скопје ќе биде убаво и ќе биде вистинска метропола за сите што ќе го посетат, и, според нив, секој што живее тука ќе се гордее, а секој што ќе дојде ќе има што да види.
- Градот претставува метропола и ќе добие центар со кој сите ние ќе се гордееме. Каде се внесени објектите што ги паметиме и сме ги користеле тоа е театарот, банката, офицерскиот дом, надополнети со други содржини кои претставуваат оплеменување и обогатување на самиот простор со една единствена цел да добиеме поубав град и поубав центар, рече Борче Димишков.
Неговата сопруга посочи дека секаде каде што шетала во светот најпрво биле носени да го видат центарот, а потоа и старите делови од градот.
Слободан Чашуле смета дека полемика мора да има, но не полемика од која учесниците ќе излеат скарани и разединети, туку да произлезе желбата Скопје конечно да стане главен град.
- Ако Република Македонија сака да биде дел од Европа и нејзините вредности тогаш не е лошо и во стилот на своите одличја на суверенитет како што е палатата на правдата, судовите, градската куќа и другите институции од културата треба да бидат во тој стил, за тие што незнаат какво беше Скопје пред земјотресот како што се сите стари европски градови со доминантен барок. Целата иницијатива е добредојдена и сакам врз основа на ваквите средби и конструктивни размени на мислења да дојдеме до едно решение кое на Скпоје навистина ќе му ја врати душата која ја загубивме во 1963 година со земјотресот, истакна Чашуле.
Според Ангел Иванов, плоштадот треба да остане плоштад, а објектите да не бидат натрупани, туку да бидат распоредени и во другите стари скопски маала.
За тоа дека треба да се градат објекти што ќе им користат на граѓаните, говореше Љубе Стојковски, а не како што рече, да се трошат парите на споменици.
Македонија
|

















