Самит за европската иднина на Западен Балкан во Брдо кај Крањ

20.03.2010 - 11:37 |

Во Брдо кај Крањ, почна регионалната конференција насловена „Заедно кон Европската унија: Придонесот на Западниот Балкан кон европската иднина“,  иницирана од премиерите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Јадранка Косор.

На конференцијата учествуваат премиерите на Македонија Никола Груевски, на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, на Косово Хашим Тачи, Сали Бериша од Албанија и Никола Шпириќ од Босна и Херцеговина. Присутни се и еврокомесарот за проширување Штефан Филе и специјалниот претставник на ОН за Косово Ламберто Заниер.

Србија е единствена држава од земјите од Западен Балкан, кандидати за членство во ЕУ и потенцијални кандидати, која не е присутна на неформалниот состанок. Српскиот претседател Борис Тадиќ, по подолга неизвесност вчера и официјално го откажа учеството на форумот.  Тадиќ одби да учествува на самитот на кој Косово ќе биде присутно како независна држава. Претседателот на ЕУ Херман Ван Ромпуј, исто така, го откажа учеството поради недоаѓањето на Тадиќ.  Во синоќешната изјава тој, воедно соопшти дека „ги поддржува сите иницијативи кои ја промовираат регионалната соработка и оти ќе го посети регионот што е можно поскоро“. Отсуството на Тадиќ и Ромпуј се смета дека и ја намалува тежината на конференцијата, која требаше да претставува прв неформален самит ЕУ – Западен Балкан.

 
Во македонската делегација, која ја предводи премиерот Груевски, се и вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски и шефот на дипломатијата Антонио Милошоски. Шефот на македонската влада ќе има свое обраќање на пленарната сесија на форумот. Засега не се најавени билатерални средби на членовите на македонската делегација со учесниците на форумот.
 
Пред почетокот еврокомесарот Филе изјави дека самитот е чекор во добра насока за земјите од регионот кои имаат аспирации за членство во ЕУ.
 
- Треба да се има предвид поголемата слика, а таа значи дека секоја земја од овој регион ќе биде дел од ЕУ. Верувам дека оваа конференција ќе биде чекор во добра насока и дека земјите ќе сфатат оти ќе имаат бенефит ако работат заедно, рече Филе.
 
Словенечкиот претседател Данило Тирк изјави дека овој самит треба да го означи стартот на времето кога земјите од регионот ќе почнат да разговараат директно за проблемите и да демонстрираат повисоко ниво на политичка зрелост. Се надева дека ваквите форуми ќе станат пракса во регионот, бидејќи за резултатите е потребен континуитет.
 
Македонија претстојната конференција за Западен Балкан во Брдо кај Крањ, ќе се обиде да ја искористи за дополнителна промоција на својата цврста политичка волја за натамошна европска интеграција на државата, изјави деновиве вицепремиерот Наумовски.
 
Тој подвлече дека очекува Македонија заеднички со другите држави во регионот да ја потсетат ЕУ дека уште во 2003 со Солунската агенда се обиде да го насочи својот фокус кон државите од Западен Балкан.
 
- Се надеваме дека сите држави членки на ЕУ коишто ја имаат промовирано Агендата 2014 ќе настапат на овој форум и на слични други форуми со целосна искреност и посветеност со цел заеднички да ги доближиме сите држави од Западен Балкан до ЕУ во 2014 година, рече Наумовски.
 
Од самитот треба да произлезе заедничка декларација за европската иднина на регионот.
Во почетокот на јуни во Сараево треба да се одржи конференција за Западен Балкан по иницијатива на шпанското претседателство со ЕУ.
 

 

 

Коментирај

од понеделник до петок 19:45
Од недела 21:30 часот
Секој ден 21:00
Наскоро...
Од понеделник до петок 23:45
од понеделник до петок 14:50
од понеделник до петок 22:20
од понеделник до петок 17:00
©2010 sitel.com.mk