Македонија
23. January 2017 - 18:05

Димитриев: Логично е победник со победник да ја составуваат новата влада

Преговорите за формирање влада влегува во завршница. Мандатарот Никола Груевски има време уште до крајот на неделава, односно до 29 јануари за да потврди дека има парламентарно мнозинство во Собранието и со тоа да добие можност да формира влада.
 
Досега Груевски и Али Ахмети, како лидер на партијата на Албанците што освои најголем број гласови, остварија само една средба, па се очекува наредните денови средбите да се интензивираат.
 
-Како партија го овластивме претседателот Никола Груевски да ги води разговорите за состав на новата влада. Во моментот не сакам да прејудицирам  што било околу преговорите кои се во тек. Рокот го знаеме и секако дека ќе мора да има одреден епилог, изјави премиерот Емил Димитриев.
 
Димитриев рече дека е логично победник со победник да ја составуваат новата влада и  и оти по формирањето на новата влада ќе почне реализацијата на проектите коишто се од интерес за граѓаните.
 
-Како и сите граѓани, очекувам да ја надминеме кризата. На никого не му е во прилог тензична состојба во која институциите се во грч, а граѓаните во неизвесност. Очекувам сето тоа да се релаксира со формирањето на новата влада бидејќи постојат многу потреби коишто треба да бидат реализирани за граѓаните, а кои се дел од програмата со која победивме- истакна претседателот на Владата, Емил Димитриев.
 
ДУИ како основа за разговор ја поставува платформата што ја договори заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама. Таму има неколку точки кои за ВМРО-ДПМНЕ се апсолутно неприфатливи, како што се двојазичноста и продолжување на мандатот на специјалното јавно обвинителство.
 
Дека Груевски нема намера да ги прифати условувањата од страна на ДУИ, нагласи и во интервјуто за косовскиот портал „Газета експерс“. Таму лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека ќе се обиде да формира влада со ДУИ и дека треба да се почитува договорот коалицијата да ја сочинуваат победниците на изборите во македонскиот и во албанскиот блок.
 
- Ние практикувавме постизборна коалиција со албанска партија и кога ни беше потребна за мнозинство во парламентот и кога не ни беше потребна, односно кога самите имавме мнозинство за да изгласаме влада. Тоа беше од причина што сметавме дека Албанците во Македонија се во значаен број и треба да бидат застапени во власта преку партијата на која ì дале доверба - вели Груевски во интервјуто.
 
Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  во интервју за Дневник потсети дека принципот на коалицирање на двете победнички партии беше воспоставен со изборите во 2008 откако предходно се постигна таканаречениот мајски договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Груевски тогаш потсети на настаните кои му претходеа на договорот и потенцираше дека доколку овој пат се прекрши договореното ништо нема да ја обврзува неговата партија во иднина да коалицира со победничката албанска партија.
 
Инаку и во Демократската унија за интеграција сметаат дека треба да се почитува принципот за коалиција меѓу партии кои освоиле најмногу гласови, како во македонскиот така и во албанскиот блок.. Бујар Османи во интервју за „Гласот на Америка“ вели:
 
-– Мислам дека тоа што доминира на сцената е почитување на потпишаните договори. Македонија во минатото постоела како таква само почитувајќи ги меѓународните договори. Еден од нив е Мајскиот договор од 2007 година, во кој се вели дека победникот кај албанската заедница го избира партнерот – победник кај македонската заедница. Почитувањето на овој принцип е многу важен, за да се зачува важноста што ја има албанската заедница и за да се зачува логиката која ја имаат изборите кај самите Албанци, објаснува Османи..
 
СДСМ пак досега не излезе со реакција и став во однос на барањата на Албанците во платформата. Воведувањето на двојазичноста беше дел од ветувањата на СДСМ за време на кампањата за изборите од 11 декември.
 
Во истовреме, и Европарламентот повика на брзо формирање на новата влада со цел да се искористи мандатот за да се продолжи со потребните реформи и смета дека е од суштинско значење меѓупартиската соработка за решавање на домашните предизвици и на предизвиците поврзани со ЕУ. ЕП заклучува дека изборниот процес е подобрен, вклучувајќи ги и законските рамки, избирачките списоци и медиумската средина, се вели во предлог-Резолуцијата.
 
- Европскиот парламент очекува новата влада, во соработка со другите партии, да ги забрза реформите поврзани со ЕУ и ја повторува својата поддршка за отворање на преговорите за членство, условена со напредокот на спроведувањето на Договорот од Пржино и Итните реформски приоритети ипродолжува да биде убеден дека преговорите може да генерираат и повеќе од потребни реформи и позитивно да влијае врз решавањето на билатералните спорови, се предлага во предлогот за Резолуција на Европарламентот.