Свет
3. October 2016 - 11:48

Десетици илјади жени во Полска протестираат поради плановите за забрана на абортусот

Десетици илјади жени се вклучија денеска во Полска на масовен протест, наречен „Црниот понеделник“, поради владините планови за целосна забрана на абортусот во земјата.

Во рамки на акцијата, учесничките во протестот денеска не заминаа на работните места и не ги испратија во училиште своите ќерки.

На официјалниот Фејсбук профил на Националниот штрајк на жените во Полска како заинтересирани да учествуваат на настанот се пријавиле речиси 100.000 лица. Предвидено е протестот да трае до 18 часот по локално време.

Во различни полски градови ќе се одржат протести, концерти, средби, дебати и обуки. Сите учесници ќе бидат облечени во црно и на тој начин ќе и дадат поддршка на акцијата. Голем број мажи денеска изразија желба да ги поддржат жените, како и да подготват ручек или сендвичи за демонстрантките. Некои работодавци, исто така, го поддржаа протестот и целосно ги затворија кафулињата, рестораните и продавниците.

Развојот на ситуацијата го следи и Европскиот парламент, каде неколку партии предложија разгледување на прашањето за почитување на правата на жените во Полска.

Минатиот месец во полскиот Парламент беа разгледани два предлог-закона за абортусот. Едниот е предложен од организацијата „Стоп на абортусот“ и со него се предлага целосна забрана на овој вид операции во Полска, како и огромни парични и кривични казни за жените кои ќе се осмелат да го направат тоа. Овој предлог беше испратен на дообработка. Другиот, пак, предлог на организацијата „Да ги спасиме жените“, со кој се дава право за прекин на бременоста до 12-та недела без никакви ограничувања, а потоа да се врши само поради сериозни здравствени проблеми на пациентката, бил отфрлен од пратениците.