Македонија
28. August 2015 - 18:25

Демократската партија на Србите и сојузот на Ромите против предлогот на СДСМ за една изборна единица

Партиите на помалите етнички заедници против предлог на СДСМ за пропорционален модел со една изборна единица. Велат дека со цензусот од минимум 4% или 40.000 гласови, нема да пројде ниту една мала политичка партија а многу помали етнички заедници ќе останат без свој претставник во законодавниот дом.

Иван Стоиљковиќ од Демократската Партија на Србите во Македонија вели дека промената на изборниот модел воопшто не е дел од договорот од Пржино, и не му е јасно зошто СДСМ побара вакви промени.

- Имавме пред 15 дена изјава на СДСМ дека е против пропорционалниот модел со една изборна единица, после 15 дена дека се за пропорционалниот модел со една изборна единица. Потоа го имаме предлогот на ВМРО-ДПМНЕ кој го предлага мнозинскиот изборен систем. Внимателно го погледнав договорот од Пржино и таму не стои дека треба да има промени на изборниот модел. Таму стои дека треба да има измени во изборното законодавство за да се избегнат нерегуларности во изборниот процес, вели Стоилковиќ во изјава за Сител.

Стоиљковиќ додава дека дека доколку се навлегува во расправа за нов изборен модел, тогаш тие на маса ќе го извадат предлогот за загарантирани пратенички места за помалите етнички групи.

Пратеникот на Сојузот на Ромите Амди Бајрам, го подржувува мнозинскиот модел кој го предлага ВМРО-ДПМНЕ. Тој кратко вели дека неговата партија има доволно гласови и не се плаши ни од предлогот на СДСМ.

- Каков сакаат нека направат ние имаме избирачко тело и нашата политичка партија не е обична партија.

Вчера со своја реакција излезе излезе Социјалистичката Партија на Македонија од каде го подржаа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за мнозински изборен модел, претходно истото го направи и ГРОМ на Стевче Јакимовски.