Спорт плус
8. October 2017 - 15:36

Дарио Ивановски истрча рекорд на „Скопје трча 10км“

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски победи на денешната улична трка „Скопје трча 10 км“. Тој ја оправда улогата фаворит и делницата од 10 километри ја истрча за 30:52 минути што е рекорд на улична трка во Македонија. Второто место му припадна на Муса Хајредини со време 32:34 минути, а трет беше Атанас Анчевски со време 33:44 минути. 
 
- Пресреќен сум за освоеното првото место, особено што бев болен последните неколку денови. Организацијата беше феноменална и беше вистинско задоволство да се трча меѓу маса луѓе. Не го очекував тоа време, но како што вели мојот тренер Игор Јакимовски „кога е најтешко сме најдобри“, изјави победникот Ивановски, кој е воедно и победник на Скопскиот полумаратон оваа година.
 
Во женска конкуренција триумфираше Греша Бакрачи со време 40:00 минути, пред Весна Кираџиева која имаше резултат 41:28 минути, додека третото место и припадна на Биљана Кираџиева со време 43:10 минути. 
- Одлична организација во што не се ни сомневав. Задоволна сум од мојот резултат бидејќи вчера трчав на друг натпревар и ова беше успешно завршен викенд, изјави Весна Кираџиева македонската шампионка во маратон.
 
Од штафетната трка најдобри беа 091 RUNCRW со 37:20 минути. 
 
Околу 900 натпреварувачи го исполнија булевар „Илинден“ за Скопје трча 10КМ (Skopje Run 10K). Атмосферата беше исполнета со радост, забава и фер натпревар кој дефинитивно го одбележа спортскиот начин на живеење во Скопје. 
  
Организатор на трката е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб Работнички и Атлетската федерација на Македонија и тие очекуваат Скопје трча 10КМ да прерасне во традиционален настан.