Македонија
12. February 2018 - 16:38

Ципрас не се откажува од промени на Уставот - Бугарија се противи на решението „Горна Македонија“

Иако најавувана како недела на интензивни и вистински преговори за решавање на спорот за името, засега нема информации дали и кога ќе се одржи средбата на министрите Димитров и Коѕијас со медијаторот Нимиц. Првичните информации велеа дека новата рунда преговори треба да се одржи на локација во Европа, но не на Балканот и тоа пред неформалната средба на шефовите на дипломатиите на ЕУ и земјите кандидати за членство во Софија.
 
Засега нема потврда ниту за билатерална средба на Димитров со Коѕијас во бугарската престолнина, но грчкиот весник Прототема под насловот ,,Средба во Софија за Горна Македонија‘‘ тврди дека двајцата министри не само што ќе се сретнат, туку Коѕијас лично ќе му ја достави грчката нацрт спогодба со специјален лет во Скопје, веднаш што ќе се изврши преименувањето на аеродромот ,,Александар Велики‘‘.
 
Според весникот, кој се повикува добро информирани извори, Коѕијас освен нацрт спогодба, ќе објави дека Атина прави стратешка отстапка за националниот идентитет, бидејќи името на националноста и јазикот во суштина се ставени на страна.
 
Токму името ,,Горна Македонија‘‘, без превод на грчки јазик, со изговор на македонски е прифатливо за партијата ,,Река‘‘, која во грчкиот Парламент има 6-мина пратеници.
 
,,Ние се осмелуваме и ја преземаме одговорноста и велиме дека го прифаќаме терминот Горна Македонија, непреведено како што им беше предложено на нашите соседи. Бараме да ги променат нивните учебници, бараме да се ослободат од иредентизми, но им велиме, кога сето ова ќе се направи, ќе си подадеме раце и ќе се договориме, затоа што како што рече Ками, а тоа важи и за нив и за нас: „Премногу ја сакам мојата татковина за да бидам националист“, изјави лидерот на партијата, Ставрос Теодоракис .
 
Според него Грција нема да доминира на Балканот затоа што ќе става вето, туку затоа што ќе биде примарна сила во економијата и културата.
 
Но, името Горна Македонија наидува на отпор кај Бугарија.
 
Поранешниот Претседател Георги Прванов е загрижен од решенијата кои не се поволни за бугарската страна.
 
,,Да, ние ја признавме Македонија под уставното име, при тоа бевме први кои го сторија тоа, но претставувањето на решенијата како Горна Македонија или Северна Македонија се во полза на Грција, но на сметка на Бугарија. Името Северна или Горна Македонија го вклучува Пиринскиот регион, Егејскиот регион не го коментираме, а истовремено претензиите кон Бугарија остануваат, лебдат во воздухот. Ова е нешто за кое најмалку треба да преговараат владите на двете земји‘‘, изјави Прванов.
 
Претходно во неколку наврати и бугарскиот премиер, Бојко Борисов изјави дека Скопје и Атина мора да ги земат предвид и ставовите на Софија, кога ќе го договараат новото име.