Македонија
20. January 2018 - 16:11

Ципрас: Македонска нација никогаш не постоела

Дали овие неколку зборови на грчкиот премиер Ципрас кои грчките медиуми ги одбраа за најава на неговото последно интервју за Етнос ќе бидат доволни да го спласнат оптимизмот кој владее кај македонскиот државен врв или ќе бидат само потврда за ставот на амбасадорот Наумовски кој во изјава за Сител рече дека последните предлози се далеку од достоинствено решение.
Ставот на Ципрас дека Македонската нација никогаш не постоела доаѓа истовремено со изјавата на медијаторот Нимиц кој во интервју за Сител рече дека неговиот последен предлог не го загрозува македонскиот идентитет
Своите позиции Ципрас вчера ги презентирал и пред Централниот комитет на неговата партија Сириза. Пред сопартијците Ципрас потенцирал дека е добро што Владата во Скопје изгледа решена да ги преземе потребните чекори но сепак, потребно е зборовите да ги преточи во дела. Грчкиот премиер рекол се бара име но и поширока рамка која во иднина нема да остави простор за како што вели иредентизам и нереални позиции.

Грчкиот премиер Ципрас пред викендот имаше средба и со грчкиот архиепископ Јеронимос на кого му ги презентирал последните детали од средбата со Нимиц. Средбата на Нимиц со архиепископт Јеронимос доаѓа на само неколку дена пред најавените масовни протести во Грција чии поворки ги предводат грчките свештеници. Оттука, дел од грчките медиуми анализираат дека на овој начин Ципрас се обидува да купи мир од грчката православна црква која остро се противи името Македонија да биде дел од новото решение кое би го договориле Скопје и Атина.
По средбата грчкиот Архиепископ повика на смиреност коментирајќи дека не е време за протести туку за национален консензус и обединување.
За разлика до Ципрас, македонскиот премиер нема проблеми со протести. Заев темата за името деновиве не сака да ја коментира за да не му наштети на процесот
И додека резултатите од најавениот референдум во Македонија може само да се претпоставуваат,  грчките медиуми веќе имаат комплетни анализи на јавното мислење, а според нив, ниту еден од предлозите кои кружат околу преговарачкиот процес за граѓаните на јужниот сосед не е прифатлив.

Анкетата на Та Неа покажува дека името Нова Македонија не е прифатливо за Грците во ниту една транскрипција, а дури 80% се противат на правилниот напис на англиски јазик.  Сепак, над 60% од Грците бараат договореното име да биде ставено на референдум, додека половина од нив, сметаат дека постои простор за компромис.