Македонија
12. September 2016 - 16:25

Честитки од државниот врв и партиите по повод Курбан Бајрам

Честитки до поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија, по повод верскиот празник Курбан Бајрам упати државниот врв на Македонија.

Претседателот Ѓорѓе Иванов на сите верници од исламска вероисповед им го честиташе празникот, посакувајќи им пријатни денови исполнети со среќа, радост и бериќет.

-На овој празник, верниците од исламска вероисповед принесувајќи жртва – курбан го прославуваат приближувањето на човекот кон Бога. Одбележувањето на Курбан бајрам го крунисува и аџилакот кој ја симболизира љубовта кон верата, обединувањето, солидарноста и отвореноста, се вели во честитката на Иванов.

Од свое лично име и од името на пратениците во Собранието, честитки до сите припадници од исламската вероисповед упати и Претседателот на законодавниот дом.  

-Нашите вековни традиции придонеле да си помагаме едни на други, без разлика на вера, националност или друга определба. Празникот Курбан Бајрам и оваа година нека биде мотив за меѓусебно почитување, соживот и за градење на заедничка иднина, стои во честитката од Велјановски.

Искрени желби за среќни празнични денови испрати и Премиерот Емил Димитриев.

-Курбан Бајрам претставува потсетник за секој исламски верник за правење на добри дела, за почитување на семејството, комшиите и пријателите, за грижа кон оние на кои им е најпотребна помош и подадена рака, за разбирање, за смиреност и толеранција, се вели во честиткака од Димитриев.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски утринава присуствуваше на молитва која се одржа во чест на муслиманскиот празник Курбан Бајрам во централната џамија во Шуто Оризари. Тој на присутните верници им го честита празникот посакувајќи им добро здравје, успех, и просперитет во семејствата, благодет и убаво празнично расположение. Соживотот и толеранцијата се наш аманет кој треба да го оставиме за сите идни генерации да продолжат да го негуваат, нагласил Груевски.

До сите верници кои го празнуваат Курбан Бајрам, честитки упати и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

-Духовната сила што ја носи овој голем празник нека биде силен поттик за секого, посилен од секогаш, да застане зад вредностите што го отвораат патот кон мирен, безбеден, среќен, достоинствен живот, стои во честитката на Заев.