Македонија
24. May 2016 - 11:54

Честитка од Заев по повод Денот на словенската писменост и култура

Претседателот на СДСМ Зоран Заев упати честитка до граѓаните на Република Македонија по повод 24 мај - Денот на словенската писменост и култура.
 
- Сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј дадоа огромен цивилизациски придонес не само за македонскиот, туку и за сите словенски народи. Благодарни сме што го поставија темелот на писменоста, како наше основно културно и национално обележје. Придобивките коишто ги жнееме денеска, почитувајки го јазикот, писмото и културата, се огромен влог со којшто нè задолжија сите нас, се наведува во честитката.
 
Преку својата благородна и просветителска дејност на овие простори, како што истакнува Заев, браќата Кирил и Методиј ја направија Македонија лулка на словенската култура и писменост, испишувајќи со тоа светли страници од македонската културна самобитност.
 
- Одбележувајќи го денешниот ден се потсетуваме и на суштинското значење на почитувањето на универзалните, културни и човечки вредности кај луѓето. Големите дела на браќата Кирил и Методиј не обврзуваат сите нас, втемелените патеки на културно издигнување со меѓусебно разбирање и помагање да ги промовираме и заеднички да ги поттикнуваме како вредности на нашето општество, се вели во честитката на Заев.