Свет
7. March 2017 - 0:08

Чефец: Нема докази за тврдењето на Трамп дека бил прислушуван од Обама

Републиканскиот претседател на комисија во Претставничкиот дом Џејсон Чефец изјави дека не се пронајдени докази за потврда на тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп оти по барење на неговиот претходник Барак Обама биле прислушувани неговите телефонски разговори. 

- До моментов не сум видел нешто што може да го поддржи она што го кажа претседателот, истакна Чефец, претседателот на комисијата за надзор и владини реформи во интервјуто за „Си-Би-Ес“. 

Во саботата републиканецот Трамп изјави, без да приложи докази, дека демократот Барак Обама наредил да се прислушуваат неговите телефонски разговори за време на предизборната кампања минатата година. 

Белата куќа побара од Конгресот да утврди, во рамките на тековното разгледување на руското влијание врз претседателските избори во САД, дали администрацијата на Обама ја злоупотребила службена положба. 

За време на изминатиот викенд, директорот на ФБИ Џејмс Коми побара од Министерството за правда на САД да го отфрли тврдењето на Трамп, бидејќи тоа е неточно и треба да биде корегирано, но Министерството не го направи тоа.