Македонија
19. November 2015 - 14:32

Чавков: Потребно е ангажирање на грчките власти и итно учество на Фронтекс и Европол

Заменик министерот за внатрешни работи Митко Чавков, во рамки на третата работна сесија на Салзбург Форумот што се одржува во Софија, имаше обраќање на тема „Предизвиците кои се наметнуваат со притисокот од зголемената миграција долж западно балканската рута – заеднички мерки и подобрување на соработката“.

Чавков, соопшти денеска МВР, потенцирал дека соработката со сите земји од регионот е клучна и оти Република Македонија е подготвена за соработка во секој момент со сите земји од регионот, како и со европските и меѓународните институции и агенции. Тој посочил дека дел од заклучоците на лидерите од регионот на минатомесечниот состанокот во Брисел веќе се спроведуваат. Рече дека се номинирани контакт точки за размена на информации и координација меѓу земјите долж западно-балканската рута, обезбедени се привремени засолништа за бегалците и мигрантите со формирање привремени прифатни центри.

Исто така, Чавков нагласил дека службениците на МВР се на терен и настојуваат да идентификуваат и регистрираат што поголем број мигранти, при што се преземаат засилени мерки против трговија со луѓе и криумчарење на мигранти. Земајќи ја предвид новонастанатата состојба со редуцирање на бројот на мигранти кои транзитираат на западно-балканската рута и кои не треба да бидат повеќе од 3.000 дневно, како и тоа дека во Република Македонија секој ден доаѓаат од јужниот сосед помеѓу 7.000 и 9.000 мигранти, Чавков истакнал дека менаџирањето на оваа состојба ќе биде многу тешко без вистинско ангажирање на грчките власти, во насока на намалување на бројката на мигранти кои ги препраќаат кон Република Македонија, како и итно и неодложно активно учество на сите европски институции, пред се на Фронтекс и Европол во делот на брзо и неодложно ставање во функција на т.н. Hot Spots во Грција и Италија.

Како што стои во соопштението од МВР, во четвртата сесија на Салзбург Форумот се разговарало и за ЕУ перспективите на земјите од Западен Балкан, при што било потенцирано дека Република Македонија недвосмислено останува на патот кон целосна интеграција во Европската Унија.

Во продолжение на Салзбуршкиот Форум се одржал и 14-тиот Комитет на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа, со кој моментално претседава Република Македонија. Исто така, на маргините на овој настан била организирана и билатерална средба со заменик министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Мијо Крешиќ, при што биле разменети информации и искуства во делот на справувањето со миграцијата, можните ризици и проблеми кои ги носи миграцијата, справувањето со тероризмот и слично.