Македонија
18. December 2019 - 19:10

Централното претседателство одлучи, ДУИ самостојно ќе оди на избори

Во ДУИ не ги коментираат информациите за прекин на коалицијата со СДСМ по формирање на Пржинската влада.

Ова не било тема на разговор на денешната седница на централното претседателство на партијата, вели пратеникот Артан Груби.. Според него, ДУИ била определувачки фактор за формирање на ова парламентарно мнозинство, а истата улога ќе ја има и по изборите во април.

„За нас се небитни функциите. Ќе ги добиеме апсолутно изборите на 12 април и ќе имаме слична ситуација како во 2016-та, со многу повеќе пратеници на ДУИ, но со пресудна определувачка улога на Али Ахмети за следна Влада во Македонија“, вели Артан Груби.

Од ДУИ велат дека на претстојните избори, партијата ќе настапи самостојно.. Ги повикаа партиите од албанскиот опозициски блок здружено да настапат за како што вели Груби, да не изгубат Албанците.

„Се надевам дека ќе успеат да се обединат, за да не изгубат Албанците. Во секој случај, тука е ДУИ која ќе ги добие изборите и сметам дека ќе ги претставуваме така како што сме ги претставувале Албанците во изминатите 17 години, на најдостоинствен начин“,вели Груби.

По повикот на претседателот Пендаровски за почитување на препораките од Венецијанската комисија, во ДУИ се подготвени да разговараат, за како што велат од партијата, зајакнување на капацитетот на институциите каде треба да се спроведе законот за употреба на јазиците.