Свет
9. December 2016 - 8:31

Британскиот Врховен суд не му суди на референдумот за ЕУ

Претседателот на британскиот Врховен суд, лорд Нојбергер, изјави дека судот не му суди на референдумот и нема да го преправа резултатот од изјаснувањето на Британците на 23 јуни.

- Она на што Врховниот суд е фокусиран е процесот низ кој резултатот од референдумот за ЕУ, таков какв што е, ќе може правно да се ефектуира, изјави Нојбергер.

Изјавата на претседателот на судот доаѓа на крајот од неколку дневните сослушувања, по жалбата на британската влада, на пресудата на Вишиот суд од Лондон.

Овој суд претходно пресуди дека владата не може самата да го покрене процесот за излегување од ЕУ, без знаење и согласност на Парламентот.

Премиерот Тереза Меј и министрите, а посебно оние кои беа за Брегзит, реагираа остро на ваквата пресуда, тврдејќи дека се прави обид да се „преправа волјата“ на гласачите од 23 јуни.

Аргументите на владините адвокати на сослушувањето пред Врховниот суд се оние кои се познати во јавноста- дека владата за Брегзит има мандат од гласачите кои се изјаснија на референдумот, за напуштање на Европската Унија.

Адвокатите на Џина Милер и правниците кои ја покренаа ија добија правната битка пред Вишиот суд, се дека за вакво крупно прашање не може да одлучува само владата, туку одлуката за покренување на Брегзит треба да биде на Парламентот.

Поранешниот државен обвинител, Доминик Грив, кој е од владејачката Конзервативна партија, но беше за останување во ЕУ, го осудува однесувањето на владата.

- Во Британија не се управува со референдуми, туку низ Парламентот и со механзмите во неговиот Долен дом, истакна Грив.

Во средата, со мнозинство гласови, пратениците се согласија со тајмингот за Брегзит.

Антиевропските политичари, резултатот од гласањето го третираат како „победа„ на владата, иако останува нејзината обврска да ја обелодени во Парламентот својата платформа за преговорите со ЕУ пред да го покрене членот 50 од Лисабонската спогодба.

Лорд Нојбергер сега ветува дека единаесете судии на Врховниот суд ќе настојуваат својата одлука, по жалбата на владата, да ја донесат што е можно поскоро.