Свет
26. April 2017 - 16:03

Британската опозиција ја обвинува Тереза Меј дека „се плаши“ од тв дебата

Британските опозициски партии ја обвинуваат Тереза Меј дека не сака да учествува во телевизиски дебати, во текот на предизборната кампања за предвремените парламентарни избори, затоа што „се плаши“  да се соочи со политичките противници.

Опозицијата побара од главните телевизиски компании во Британија, сепак, да организираат тв дебати и притоа да го остават празно местото, на кое би требало да биде „исплашената„ Меј.

Анкетите покажуваат дека големо мнозинство Британци бара од телвизиите да организираат вакви настапи на лидерите на главните политички партии во земјата, со или без премиерот Меј.

Меѓу традиционалните гласачи на сега владеачката Конзервативна партија, мислењата за ова прашање се поделени. Околу 44 отсто од  ториевските гласачи сакаат Меј да учествува во тв дебатите, но 40 отсто од нив е против.

Веднаш по обелоденувањето на владината платформа за изборите на 8 јуни , Меј соопшти дека нема да има телевизиски дебати, а подоцна дека таа нема да учествува во нив.

Нема објаснување за ваквата позиција на актуелниот лидер на конзервативците и премиер. 

Таа има солиден рејтинг кај домашните гласачи и се верува дека ќе обезбеди свој премиерски мандат на изборите, користејќи ја и разединетоста на главната опозициска  партија и непопуларноста на нивниот лидер Џереми Корбин и уште поголемо мнозинство во Парламентот од досегашното, но важи за политичар која не е оратор и која нема харизма со која може да ја освои публиката.

Политички аналитичари сметаат дека Меј е слична на поранешниот лабуристички премиер Гордон Браун, кој се покажа дека е добар за секое место во владата и како чесен човек и политичар, но кој не може да комуницира со масите.

Токму за парламентарните избори во мај 2010 година, за прв пат беа организирани тв дебати во Британија, а на нив , во сите четири соочувања, Браун ниту еднаш не успеа да ги освои симпатиите на гледачите.

Некои сметаат дека  само тоа што тој ја нема харизмата на еден Тони Блер, или на ториевецот Дејвид Камерон, или пред тоа на Маргарет Тачер, лабуристите со Барун како партиски лидер, доживеаја пораз. 

Браун ќе остане запаметен како добар министер за финансии (кај Блер)  кој останал најдолго на таа функција во британската политичка историја, но и како премиер кој бил во Даунинг стрит 10 без да обезбеди мандат од гласачите.

Оние кои се блиски до Меј сметаат дека нејзиното одбивање да се појавува во тв дебати,  не е последица на „страв и неснаоѓање„ во комуникацијата со јавноста, туку затоа што не сака сега, пред почетокот на преговорите со ЕУ, да ја „обелодени својата стратегија„ за тешкиот дијалог со Брисел околу Брегзит.

Очекувањата во јавноста се дека токму Брегзит е прашањето за кое најмногу ќе се интересираат полтичарите од опозициските партии- лабуристите, либералдемократите и СНП.