Македонија
13. јуни 2017 - 16:33

Биолошките родители се кријат како државна тајна за децата дадени на посвојување

Посвоените деца треба да знаат кои им се биолошки родители. Браќата, сестрите и другите роднини доколу сакаат полесно да можат да ги најдат. Ова се дел од предлог измените на член од законот за семејство кои ги изготви граѓанската иницијатива КЛИК Акција. Бараат државата да ги отвори матичните книги за посвоените деца да си го откријат потеклото. Досегашните обиди на многу засегнати граѓани во меѓуопштинските центри за социјална работа завршувале со образложение дека тие податоци се службена тајна. Од иницијативата велат дека Македонија е единствена земја во Европа која на децата им го скратува ова човеково право.

-Ќе се бара да се смени членот 123а од Законот за семејство. Право на детето е по навршување на определена година од животот која е потребна дополнително да биде утврденада има увид во матичните книги на родените и другата евиденција за своето потекло, изјави Маргарета Куртиќ, претседател на граѓанската иницијатива КЛИК АКЦИЈА

Од граѓанската иницијатива сметаат дека после одредена возраст на детето треба да му се каже дека е посвоено. И ова да биде вметнато во измените на законот.

-Бараме  создавање обврска на посвоителите на определена годишна возраст дали ќе биде на 7,8 или било која друга возраст која дополнително би се утврдила да му соопштат на детето дека е посвоено,додаде Куртиќ.

Од КЛИК акција изготвените законски измени во делот на посвојувањето лично ќе ги образложат и на средба со новата министерка за труд и социјала. Доколку не наидат на разбирање од надлежните, решени се човековото право да го бараат и пред судот во Стразбур.