Свет
17. November 2016 - 9:09

Бил де Бласио: Граѓаните на Њујорк се плашат од администрацијата на Трамп

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио изјави дека граѓаните на овој милионски град се плашат од тоа што ќе го донесе новата американска администрација по влегувањето на Доналд Трамп во Белата куќа.

Де Бласио, кој му припаѓа на либералното крило на Демократската партија, соопшти дека се сретнал со новоизбраниот претседател на САД, кому му ги пренел стравувањата на њујорчани.

По средбата, градоначалникот рече дека го предупредил Трамп оти тој ќе ги заштитува илегалните имигранти од депортација и дека најавената политика на новоизбраниот претседател „нема да функционира во градот на имигранти“.

Во текот на својата изборна кампања Трамп повеќепати се закани со остри мерки кон имигрантите, порачувајќи дека ќе бидат депортирани, или уапсени сите „илегалци“ кои имаат криминални досиеа.

Де Бласио објасни дека тој не е единствениот градоначалник во САД што соопштил дека нема да ја почитува имигрантската политика на новиот претседател.

Американските медиуми пишуваат дека градоначалниците на Лос Анџелес, Сан Франциско, Чикаго, Бостон, Филаделфија и Вашингтон, исто така објавиле оти ќе ги штитат имигрантите од депортирање.

Градоначалникот на Њујорк по средбата со Трамп изјави оти градот ќе се спротистави на обидите на новата администрација на Трамп да навлезе во регистарот со податоци каде се имињата на илегалните имигранти кои веќе добиле лични карти.

- Њујорк е успешен град, затоа што е отворен за секого и затоа што е град изграден од многу генерации имигранти, изјави Де Бласио.

На изборите од 8 ноември големо мнозинство од гласачите во Њујорк и дадоа подршка на Хилари Клинтон, гласајќи за неа како претседател на САД.

Изјавата на Де Балсио доаѓа по откритијата за „криза“ во редовите на тимот за транзиција на Трамп.

„Њујорк Тајмс“ откри дека на барање на зетот на Трамп, биле сменети двајца членови на тимот, само затоа што биле блиски со гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи, кој и самиот претходно беше сменет од позицијата раководител на транзицискиот тим.

Весникот „Волстрит Џурнал“ тврди дека поранешната сопруга на новоизбраниот претседател Ивана Трамп, побарала да биде назначена за амбасадор во Чешката Република, од каде таа потекнува.

Двата весника денеска откриваат дека Џаред Кушнер, зетот на Трамп, ќе добие висока функција во новата американска Администрација.