Свет
11. September 2015 - 14:50

Бегалската криза може да биде најголемиот предизвик во историјата на ЕУ

Досега невидениот наплив од бегалци во земјите на Европската унија (ЕУ) може да стане најголемиот предизвик за ЕУ, изјави денеска германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, јави Танјуг.

- Најголемата европска бегалска криза од завршувањето на Втората светска војна може да биде најголемиот предизвик за ЕУ во нејзината историја, рече Штајнмаер.

Германскиот министер повика на солидарност бидејќи Берлин во текот на викендот очекува 40.000 нови бегалци од југот на континентот, пренесоа француските медиуми.

Штајнмаер се наоѓа во Прага на разговори со источноевропските земји кои ги одбија квотите за бегалците и покрај предупредувањата на Германија за најголемиот предизвик за ЕУ и вознемирувачките снимки за бегалци во Унгарија.

Штајнмаер во Прага се состана со своите колеги од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка и не успеа да ги убеди да го прифатат планот на ЕУ за дистрибуција на 160.000 бегалци ширум континентот.

-На своите колеги им кажав дека мораме да се договориме за фер механизам на прераспределба на бегалците, кои и натаму пристигнуваат, рече Штајнмаер на прес конференцијата по состанокот.

Чешка, Словачка, Унгарија и Полска остро се противат на задолжителните квоти за распределба на бегалци кои се условени со  големиот прилив на бегалци во Европа.