Македонија
24. March 2022 - 16:32

Барокните фасади за факултетите се преголем трошок за Владата

Имаат 30 000 евра за да се тргне барокниот стил, но нема дополнителни средства да се довршат двете згради на ФИНКИ и ДИФ на кампусот на УКИМ. МОН го стави фасадното корегирање пред интересите на студентите. Средства во буџетот има само да се смени кровот а со тоа и ликот на двете згради на на Бит Пазар, но не и за целосно да се довршат објектите кои се од суштинско значење за повеќе од 12 000 студенти. 7 години поминаа за да се донесе одлука дека поради ковид пандемијата, ќе се крати на трошоци за изгледот. МОН најави отворање нова тендерска постапка за избор на нов изведувач.

- Градежните работи се стопирани поради тоа што е потребно да се направи пресек на изведените работи до сега, кој ќе ја покаже моменталната состојба со изведените работи а потоа е потребно да се направи промена во постоечките проекти поради тоа што е установено дека чинењето на барокните фасади со сите декоративни елементи кои немаат конструктивна функција е прескапо во време на економска криза поради Ковид 19.

Од ректоратот на УКИМ велат тие не се моќни да  вложат но дека побарале од МОН решение на просторните услови на голем број универзитетски единици. - Универзитетот нема финансиски средства за капитални инвестиции за изградба на нови објекти. Поголемиот број на факултети и институти имаат недостиг од простории, сместени се во времени или дотраени објекти кои иако се адаптирани, тие се со субстандардни услови за одвивање на наставно образовниот процес.

Иако реализацијата на капиталните инвестиции Владата ја постави високо на листата приоритети, сепак за МОН не е од врвен интерес доградбата на двете згради кои својот фото финиш го чекаат повеќе од 7 години.

Загрижувачки е фактот  што државата речиси и да не инвестира во високото образование. Моменталниот буџет изнесува околу 0,8 отсто од БДП, што е речиси двојно помалку од европскиот просек кој се движи околу 1,5 проценти. Оваа статистика покажува зошто македонските универзитети се во слободен пад на светските ранг листи. УКИМ кој е единствен во оваа конкуренција, последните три години назадуваше за 128 места.