Балетан од Јапонија обвинува дека нема за леб, МОБ 3 месеци не му исплаќа плата
Балетанот од Јапонија, Кенто Терашита, хонорарец во Македонската опера и балет три месеци е без плата. Го обвинува раководството на институцијата за несериозност. На својот фејсбук профил пишува дека поради задоцнетиот хонорар, не може да купи храна а можно е да остане и без дом заради неплатена кирија.
„Веќе неколку пати го имав овој проблем. Не можам да поверувам дека ова е професионална институција. Ова е национална балетска куќа? Дали е ова нормално во Македонија? Секогаш мислам, што ли ќе јадам утре?“.
Раководството на МОБ вели дека сочувствува со Терашита, но проблемот бил во ресорното министерство. Директорот на опера и балет, Ќазим Асотиќ, вели дека освен за странските гости, пари нема ниту за вработените. Исплатата се одолговлекувала поради годишната програма на министеството за култура.
„Апсолутно дека е лоша финансиската состојба. Чекаме и ние средства од министерството за култура. Значи во моментов сите ние од областа на културата ги чекаме тие пари“, вели Ќазим Асотиќ, в.д Директор на МОБ.
Министерот Алаѓозовски пак вели дека проблемот ќе се реши најдоцна за две недели, кога завршува рокот за жалби по доставувањето на документацијата од годишната распределба.
Низа реакции во јавноста имаше по изборот на проекти кои ќе ги финансира култура.. Музичари, фолклорни анамбли, издавачки куќи реагираа дека не добиле ниту денар од државната каса. Освен нив, сега пари очекуваат и хонорарците како балетанот Терашита, ангажиран од националната установа.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
