Македонија
14. December 2015 - 16:24

Атина најавува нов сет идеи за решавање на името

Сетот идеи за можно решавање на спорот за името, што ги најави шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во јуни во Скопје ќе бидат ставени на маса за време на средбата на министерот за надворешни работи Никола Попоски в четврток во Атина, велат грчки извори. Истите извори додаваат дека тоа нема да бидат предлози за името, кои и натаму остануваат во мандатот на медијаторот Нимиц во рамките на разговорите што се водат во Обединетите нации.

Сепак, деталите и натаму ќе останат доверливи, бидејќи спорот нема да се реши ако тој стане предмет на јавна дипломатија, како што покажа пробиеното писмо од Коѕијас до политичките партии во кое бараше предлози за решавање на деценискиот спор.

Информациите коинцидираат со барањето од американскиот државен секретар Џон Кери упатено до Премиерот Ципрас летоска во Вашингтон до крајот на годината да подготви предлози со кои може да се реши прашањето за името меѓу двете земји, како и објавата на Нимиц дека генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки Мун очекува за 15 месецида се реши спорот односно до крајот на неговиот мандат.

Истите извори додаваат дека тоа што Македонија се наоѓа во политичка криза и е пред избори нема влијание врз одлуката на грчката влада да го забрза дијалогот, бидејќи се работи за две суверени земји со две легитимни влади. Тоа што Коѕијас ќе го стави на маса нема да биде ултиматум, ниту диктат со кој се наметнуваат решенија.

Грција смета дека ако и натаму чека на стабилизирање на ситуацијата, тогаш ќе биде критикувана дека го одолговлекува процесот на решавање.

Дали ваквиот приод на јужниот сосед значи и повлекување од црвените линии кои беа главна пречка за дијалог уште од букурешткиот самит на НАТО, ќе покаже средбата во четврток, која е прва работна посета на македонски министер за надворешни работи по 15 години.

Инаку Коѕијас и Попоски годинава се сретнаа 5 пати, а потпишувањето на спогодбата за мерките за градење доверба придонесе за затоплување на односите меѓу двете земји. Во нивни рамки пред 3 дена за прв пат се одржале и политички консултации меѓу двете министерства. Воедно Грција, која поради уставното име на Македонија не е дел од ЦЕИ, планира во блиска иднина да земе учество во иницијативата, за почеток на пониско, директорско ниво.