Македонија
20. November 2015 - 15:02

Ариф: Цивилното општество и граѓаните дадоа пример во помош за бегалците

Ангажманот на НВО-секторот и на граѓаните во земјата е за почит во однос на помошта за бегалците, заслужува посебна почит и ние тоа секогаш го нагласуваме, изјави денеска Мохамед Ариф, претставник на УНХЦР во Македонија на денешниот Информативен семинар на тема „Актуелните миграциски текови и одговорот од бегалската криза“, што се одржа во ЕУ Инфо центарот. 

- Протокот на бегалци низ земјата се разви оваа година, посебно во вториот дел од годината, а улогата на граѓанското општество во целата оваа активност е значителна. Тие беа таму присутни пред кој било друг. Сега гледате многу чинители кои ја играат својата улога во помошта. Граѓаните на оваа земја покажаа дека тие сакаат да им помогнат на оние на кои им е потребна помош. Македонските граѓани ги отворија своите врати, своите срца и своите џебови за овие луѓе од првиот ден. Ова секогаш го нагласуваме и мода да се цени, рече претставникот на УНИЦЕФ.  

Тој истакна дека во однос на разликувањето на бегалци од економски мигранти, УНХЦР инсистираат владите да го имаат системот кој ќе направи разлика кој е економски мигрант, а кој е вистински бегалец. Колку побрзо тоа се направи толку подобро, бидејќи, рече, побрзо ќе се вратат назад.

Соња Божиновска од ИОМ информира дека низ рутата на Западен Балкан најголем дел од бегалците и мигрантите доаѓаат од Сирија (62 отсто), од Авганистан 22 отсто, Ирак 8 отсто, Пакистан и Иран по 2 отсто. Во однос на трендовите, рече, регистрирано е зголемување на лицата во движење во последните три месеци поради наближување на зимата и разгорување на кризата во Блискиот исток, а согласно сознанијата на ФРОНТЕКС рутата на Западен Балкан ќе остане алтернатива и во следниот период.

- Она што е битно е дека меѓу мигрантите има и ранливи категории - непридружувани малолетници, жртви на трговија со луѓе и затоа соодветен скрининг и заштита е многу битен. ИОМ во партнерство со УНХЦР, ФРОНТЕКС и Европската канцеларија за азил ќе отпочне проект финансиран од ЕУ преку кој ќе работиме на подобрување на капацитетите за скрининг, идентификација и на упатување на мигрантите во западен Балкан, рече Божиновска.  

Според Црвен крст на Македонија, од почетокот на годината досега нивните тимови асистирале на 295 илјади лица или на 78 проценти од мигрантите кои минале низ земјата. Вкупно 131.986 лица побарале и добиле медицинска поддршка, од нив 27.000 деца. Сузана Тунева Пауновска од Црвен крст Македонија информира и дека упатиле итен апел за помош од пет милиони швајцарски франци, а досега обзбедени се 75 проценти од сумата.    

ЕУ е најголем донатор на УНХЦР, а досега има обезбедено 4 милиони евра, информира Јаромир Левичек од Делегацијата на ЕУ.