Македонија
30. March 2024 - 16:34

Анекс договори за работа на определено време на еден ден

Текстилни работници со стаж од 20 и 30 години, вработени на неопределено време добиваат анекс договори за вработување на определено време од еден ден, а потоа остануваат без работа. Оваа нехумана пракса се спроведува во конфекција во Кочани, алармираат од Гласен текстилец, а доколку работниците потпишат вакви договори остануваат без опремнина и без сите останати бенефиции кои ги следуваат согласно Законот за работни односи.  

-Иако тоа изгледа согласно Закон, во друга држава некој „дебело“ би одговарал за злоупотреба на работничките права, односно, на работници со 20 -30 години стаж во фирма им беше даван анекс на договор на еден ден. За жал, ниту инспекторатот, нити ние можеме нешто да направиме. Да се работеше за фалсификувани потписи ќе се обратевме до ОЈО, меѓутоа, овде се работеше за своерачно потпишани договори на еден ден и работничките се сега под Агенцијата за вработување- изјави Кристина Ампева, Гласен текстилец- Штип.

Според сознанијата на Гласен текстилец, на нивно место веќе се ангажираат работници од Непал и Бангладеш, кои немаат соодветно искуство за работа во текстилниот сектор.

-Моментално знам дека во Кочани и во Прилеп се случува оваа пракса. Ќе ја следиме состојбата бидејќи се работи за скорешни ангажирања. Добар дел од тие од Непал, за Бангладеш да кажеме дека имаат познавање за работа со текстил, но поголемиот дел немаат познавања од одредени сектори - додаде Ампева.

Долгорочно гледано, ќе се девалвира трудот на македонскиот работник, а работничките права ќе се сведат на минимум.