Македонија
25. September 2017 - 15:58

Андонов: Во предизборниот период ослободени затвореници осудени за тешки кривични дела

Расте загриженоста кај јавноста од политиката која ја води Заев во предизборниот период ослободувајќи затвореници осудени за тешки кривични дела.

Евидентно е дека матрицата за насилничко делување на СДС воопшто не се променила во годините наназад откако ги паметиме. Се користат исти методи, исти или слични личности за исти потреби на партијата. СДС на овие локални избори оди со истата стратегија како порано и како и во 2005-тата година но сега во многу поголем обем и на сите нивоа.

Заев од затвор ослободи личности кои во минатото се обидуваа да создадат територија во Република Македонија која би била надвор од контролата на легалните институции и законите во државата, се закануваа со гранатирање на главниот град, вршеа терор врз локалното население, затајуваа данок, шверцуваа и продаваа наркотични средства, како и личности кои беа осудени за предизвикување инциденти за време на изборниот процес.

Сакаме само да ја потсетиме јавноста, дека од јули до декември 2004 година Агим Красниќи го држеше Кондово под опсада заканувајќи се на граѓаните во пресрет на референдумот за територијална поделба, за кој некој мислеше дека не заслужува одговор, а кој се одржа на 7-ми ноември истата година. Во февруари 2005 година Красниќи со својата група повторно го окупира Кондово, втората опсада на Кондово од страна на Красниќи се случи во пресрет на локалните избори. Красниќи заедно со својата седум члена вооружена група беше уапсен во 2008 година за нерегуларности и предизвикување инциденти за време на тогашните парламентарни избори, поседување оружје и злосторничко здружување. Од судот на сите осудени им беа изречени вкупно над 50 години затворски казни.

Човекот кој три пати беше користен за изборни нерегуларности Заев повторно го ослободува во пресрет на локалните избори. Ова многу зборува за политиките на СДС.

Покрај Агим Красниќи, СДС во пресрет на претстојните локални избори, од затвор го ослободи и Бајруш Сејдиу, кумановскиот тобако бос. На Сејдиу во јануари 2011 година му беа изречени 12 години казна затвор за организиран криминал, перење пари, злоупотреба на службена должност и корупција во случајот „Пепел 2“, со што Сејдиу направил штета врз државата и буџетот во висина од 60 милиони евра.
На оваа група на криминални ликови кои се ослободени од Заев се придружува и Велија Рамковски. Во судскиот процес „Пајажина” каде беа осудени 18 управители и основачи на фирми на ул.„Перо Наков”, меѓу кои и Велија Рамковски, а се теретеа за затајување на данок, перење пари, злосторничко здружување и измама на доверители. Судот наведе дека биле докажани наводите во обвинителниот акт и дека Велија Рамковски формирал злосторничко здружение со кое затајувал данок, перел пари и оштетувал доверители и истиот е осуден со правосилна судска пресуда од 13 години затвор.

Следен на интересната листа, за Заев особено интересна во поддршка на локалните избори за СДС е Сеад Рахиќ кој беше обвинет како организатор на група која продавала наркотици во текот на 2016 година.

Со оваа матрица на СДС која кулминира со Законот за амнестија кој експресно помина во владата и покрај наводните и декларативни заложби на Заев за јавни дебати, очигледно е дека Заев ја мами македонската јавност со наводната демократичност но воедно и се подготвува за насилни локални избори и застрашување на граѓаните.
Ги повикуваме граѓаните да не се плашат од овие закани и од насилниците на СДС. На овој начин само можеме на дело да ја видиме беззаконата политика која Заев сака да и ја наметне на Република Македонија и на сите чесни и работливи граѓани.

На 15-ти октомври ќе се стави крај на насилствата, беззаконието, конфузијата и неспособноста на СДС. Крајот ќе го стават сите граѓани на Македонија обединети околу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

Доаѓа новата ера, новото утро и новите победи за Македонија и сите нејзини граѓани. 
Почитувани граѓани,
Нека новата ера во која ќе ги нема, Заев, насилниците на СДС и нивната беззакона матрица биде успешна, нова приказна на Република Македонија.

Оливер Андонов, ВМРО-ДПМНЕ