Свет
15. November 2015 - 10:45

Американски истражни органи: Нападите во Париз ги испланирала помала терористичка група во Брисел

Координираните напади на шест локации во главниот град на Франција ги испланирала помала терористичка група во Брисел, од каде, како што тврдат француските власти, биле финансирани, соопштија двајца американски истражители, кои им помагаат на француските власти во истрагата.

Американските извори, кои сакале да останат анонимни бидејќи истрагата е во тек, нагласуваат дека напаѓачите веројатно имале добро познавање за историјата и културата на Франција, а посебно на Париз, додавајќи дека е „многу веројатно“ некои од нив да живееле во Париз.

Тоа било очевидно бидејќи се движеле без проблеми низ француската метропола и извршиле координирани напади на шест места во градот - од стадион до театри и ресторани.