Македонија
3. November 2015 - 21:36

Агенција за храна и ветеринарство: Нема небезбедни јајца на македонскиот пазар

Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ ги демантира написите во некои медиуми дека во Македонија се увезуваат небезбедни јајца од Србија.

- Агенцијата за храна и ветеринарство одговорно и аргументирано тврди дека на македонскиот пазар нема небезбедни јајца, ниту од Република Србија ниту од домашно производство. Јајцата коишто се увезуваат од Србија ги исполнуваат сите безбедносни критериуми, а тоа е потврдено со заемно признатите ветеринарни сертификати за безбедност помеѓу Република Србија и Република Македонија, како и со пропратните лабораториски анализи од акредитирани лаборатории во Република Србија, соопшти Агенцијата. 

Институцијата појаснува дека при секој увоз на јајца на самиот граничен премин официјален ветеринар врши контрола на безбедноста и обележувањето на јајцата, а дополнителна контрола се врши и при истовар кај операторот увозник на јајцата од страна на официјален ветеринар-инспектор.

- До овој момент Агенцијата за храна и ветеринарство нема констатирано неусогласености во безбедноста и означувањето на увезените јајца, наведува Агенцијата. Посочува и дека на оваа тема со Групацијата за живинарство минатата недела во Стопанската комора на Македонија одржала три состаноци со жининарски фарми, на кои директорот Зоран Поповски истакнал дека исполнувањето на безбедносните критериуми на увезените јајца во Македонија е еднакво со безбедносните критериуми на  јајцата од домашно производство.