Македонија
27. May 2017 - 22:21

22 Конгрес на СДСМ- Староновиот лидер Зоран Заев најави општество на можности за сите

Близу 600 делегати на СДСМ одлучија- Зоран Заев останува на чело на партијата и во следните 4 години. Промени нема ниту на потпретседателското место, каде останува Радмила Шеќеринска.

Старо-новото раководство пред партиското членство се обврза дека ќе продолжи да работи за создавање на подобра иднина, едно општество за сите независно од различностите. Според Заев денешниот ден е нов почеток за Македонија, бидејќи граѓаните се на прагот на формирање на новата реформска Влада.

На 22 конгрес на партијата највпечатливо беше присуството на поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски, а гости беа и претставници на новиот коалициски партнер ДУИ. На конгресот присуствуваше и лидерот на БЕСА Билал Касами, партијата со која Заев се уште преговара за учество во новата Влада.

Според најавите, лидерот на СДСМ по завршување на партискиот конгрес продолжува со средбите, токму со БЕСА која своето учество во Владата го условува со прифаќањето на нивните услови со кои бараат редефинирање на Македонија, целосна имплементација на платформата и новата Влада да нема лица кои се дел од истрагите на СЈО.

Во насока на составување на новиот владин кабинет пак, состанок попладнево одржа и централното раководство на ДУИ, од каде неофицијално  се очекува Хазби Лика, Садула Дураку, Бујар Османи и Аднан Јашари да завземат министерски позиции.  

Сигурен коалициски партнер на СДСМ, останува и Алијансата на Албанците, која најверојатно ќе го добие ресорот здравство на чело со Арбен Таравари.

Рокот за доставување на предлогот за нова Влада до Собранието истекува на 6 јуни, но и покрај тоа  лидерот на СДСМ останува оптимист дека документот со министреските имиња и програмата за работа на новата Влада ќе се најдат пред пратениците на почетокот на идната недела.