Македонија
7. August 2016 - 22:42

21 загинат, стотина повредени и голем број исчезнати по невремето во Скопје

Двегодишниот Енес Мустафа од скопски Ченто е најмладата жртва која со себе ја зеде поплавата. Во списокот на починати меѓу другите се најдоа и жители на Крива Паланка, Куманово и Тетово. Најмногу жртви има од Ченто кои се на возраст од 29 до 83 години. Бајрам Мустафа, Катерина Митрова, Славка и Томислав Илиќ, Марина и Јован Веселиновски Фуркан Фејзулаху се дел од жртвите кои ги загубија животите во страотното невреме.

Во меѓувреме сеуште трае потрагата по 6 годишното момче на улицата Константин Петровиќ во скопско Сингелиќ, на кое уште од вчеравечер му се губи секаква трага.

Жителите на Сингелиќ кое според сите проценки е едно од најоштетените реони од катастрофалното невреме со неверување гледаат на состојбата велејќи дека досега немаат видено вакво невреме.

И жителите на Стајковци со солзи во очите сведочат за како што велат незапамтената бура која им ги уништи куќите и имотите.

Скопската обиколница каде и според неофицијалните податоци има најмногу жртви сведочи за моќта на природните непогоди. Меѓу неколкуте десетици уништени автомобили кои водата ги исфрлила 300 метри од патот превртениот камион сведочи за пустошот.

Тимовите на МВР, АРМ и МО сеуште се на терен и според првичните информации ќе биде потребен подолг период за расчистување на последиците од катастрофалното невреме.