Македонија
20. September 2024 - 16:32

ЗНМ: Тужби кои се злоупотребуваат за цензура се најголем предизвик за новинарите

Недоразбирањата помеѓу новинарите и правосудниот систем постојат низ годините, а како најголем предизвик се тужбите кои се злоупотребуваат за ограничување на слободата на медиумите и цензура на новинарите. Ова беше истакнато на третата регионална конференција која се одржа со Здруженијата на новинари на Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, заедно со судии и обвинители од сите три земји, која имаше за цел подобрување на комуникацијата, но споделување на позициите и на новинарите и на судиите и обвинителите, за заштита на јавниот интерес.

- Пример за ваков случај е неодамнешната кривична пријава поднесена од Владика на Македонската православна црква против новинар, нашиот колега Марјан Николовски, каде што се бара кривично гонење за ксенофобија, расизам и говор на омраза за јавно изразено мислење, за изречен збор во новинарски текст. Ова е скандалозен случај кој го гледаме како обид за цензура, притисок и заплашување на медиумите, од позиција на моќ. Очекуваме обвинителството да ја отфрли оваа кривична пријава, меѓу другото и поради тоа што владиката доколку смета дека е наклеветен може да тужи во граѓанска постапка, а не на овој начин да се крие или да се обиде да го употреби системот на државата. Очекуваме обивнителството да ги следи принципите на слобода на изразување и прифаќање на јавната критика, согласно принципте на судот за човекови права во Стразбур, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Според Здружението на новинари, за да се спречи оваа пракса на неосновани тужби против новинари треба реформи со кои ќе се санкционираат злоупотребувачите на судскиот систем кои имаат за цел замолчување на новинари, доследност на судиите и обвинителите кои треба да ја следат европската практика за носење одлуки согласно слободата на изразување, како и судскиот систем да не дозволи овие случаи да преминат во инструмент за заплашување на новинарите.