ЗНАМ ја промовираше Националната платформа за македонско национално единство и црвените линии
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска ја промовираше Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии.
- Ова е наше предизборно ветување. Нејзината цел е да ги обедини сите политички фактори за да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Македонија за остварување на нашата стратешка цел - полноправното членство во Европската Унија, изјави на прес-конференција претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Тој додаде дека со овој чин се нуди можност за национално обединување, пред се на македонскиот народ, но и на сите етнички заедници кои живеат во неа. Димитриевски нагласи дека ова е можност за заедничко градење на силна, моќна, слободна и европска Македонија, во која сите граѓани се еднакви во правата, но и во обврските, држава која е еднаква за сите, а ќе биде завет за идните генерации.
Димитриевски се надева дека парламентарните партии ќе се обединат и ќе ја поддржат оваа Платформа и со нејзино усвојување ќе се трасира патот кон Европската Унија, рече Димитриевски. Тој кажа дека таа ќе биде доставена до владините партнери, а потоа и до сите политички партии вклучени во работата на Собранието.
- Оваа платформа ја најавивме уште во предизборниот период. Денес сме партнери во власта, претставени сме во законодавниот дом. Ја имаме најавено оваа Платформа. Првично истата ќе ја доставиме до нашите владини партнери, а потоа и до сите политички партии коишто се вклучени во работата на Собранието и секако ќе очекуваме одговор од нивна страна, бидејќи ова е еден стратешки документ којшто е неопходен за сочувување на македонските национални и државни интереси во целост, рече Димитриевски.
Посочи на деветте точки во Платформата за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии.
Првата се однесува на суверенитетот и територијалниот интегритет на РС Македонија и унитарниот карактер на државата коишто се неповредливи и неотуѓиви. „Секој вербален или невербален акт, од внатре во земјата или од надвор, кој оди во насока на оспорување, негирање или омаловажување на овие темели на уставниот поредок, Собранието беспоговорно и во целост ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како смислен антимакедонски и антидржавен чин“, се посочува во првата точка.
Во втората точка се посочува дека македонскиот јазик е национален, стандарден јазик на македонскиот народ, со свој автономен јазичен, просторен и временски континуитет. „На целата територија на РС Македонија како и во меѓународните односи, службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. Секое негирање на посебноста, автентичноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик, од внатре или надвор, Собранието беспоговорно ќе го отфрли во целост и јавно ќе го осуди, како чин насочен кон поткопување на македонскиот национален идентитет и македонската државност“, се вели во Платформата.
„Македонскиот национален идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, колективна меморија, обичаи, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурна посебност и колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и континуираната припадност на овие географски простори. Македонската национална историја, јазик и култура се обележја на македонскиот идентитет и интегритет. Секој акт во насока на негирање, оспорување, омаловажување, редефинирање или присвојување на кое било обележје на македонскиот национален идентитет, на внатрешен или надворешен план, Собранието беспоговорно и во целост ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како смислен антимакедонски и антидржавен чин“, стои во третата точка.
Четвртата гласи „2 Август – Илинден – е национален државен празник на македонската нација и македонската држава, како симбол на сите негови борби за слобода и создавање на слободна, независна, суверена македонска држава. Секој обид за непризнавање, оспорување, омаловажување, редефинирање или присвојување на чествувањето на највисокиот државен празник на РС Македонија, од внатре или надвор, Собранието беспоговорно и во целост ќе го отфрли и јавно осуди, како чин насочен кон поткопување на македонскиот национален идентитет“.
Петата се однесува на државните симболи. „Државни симболи на РС Македонија се државниот грб, знаме и химна и истите можат да се употребуваат во согласност со законските одредби и на начин со кој не се нарушува угледот и македонското национално достоинство. Секој акт на непочитување, оспорување, сквернавање, омаловажување, вандализам или обид за менување, на внатрешен или надворешен план, Собранието со индигнација и во целост ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како смислен антимакедонски и антидржавен чин“.
„Собранието потенцира дека во Македонија, како мултиетничко и мултикултурно општество, стабилните меѓуетнички односи и соживот се клучни за обезбедување на мир и соживот, базиран на целосно еднакви права и обврски. Секоја закана, обид или акт, вербален или невербален, со цел создавање тензии, дестабилизација, ширење на омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на етничка или религиска основа, Собранието беспоговорно ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како антидржавен чин и акт насочен против уставниот поредок на државата“, се посочува во шестата точка.
Во седмата точка е наведено дека „Собранието на РС Македонија смета дека прашањето за заштитата на основните права и слободи и статусот на македонското национално малцинство кое живее во соседните земји и во други држави, повикувајќи се на принципите што се апсолвирани во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (1994) на Совет на Европа, се врвен национален и државен интерес и императив во политичкото делување во земјава“.
Осмата гласи „Собранието го реафирмира пристапувањето на земјата во Европската унија како врвна државна, национална и стратешка цел, со исполнување на Копенхашките критериуми во целост, под еднаков начин и услови под кои се придружиле и сегашните земји-членки на Унијата. Собранието потенцира дека никој не смее да разговара или преговара за влез во Унијата под какви било притисоци, закани или условувања, на внатрешен и надворешен план. Сите такви обиди или дејствија Собранието беспоговорно ќе ги отфрли и јавно ќе ги осуди како антимакедонски и антидржавен чин“.
Деветата точка се однесува на тоа дека Собранието го потенцира својот недвосмислен став дека никој, од која било позиција или статус, на внатрешен или надворешен план, на ниту еден начин или под какви било услови не смее да преговара, заговара или редефинира за прашања поврзани со унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, македонскиот јазик, идентитет, националната историја, култура, државните симболи или правата на македонското национално малцинство кое живее надвор од границите на РС Македонија“.
Ново на Сител
-
ЕУ го усвои 15. пакет санкции против Русија
-
Во Белград и денеска студентски блокади на повеќе локации, излегоа и ученици од некои училишта
-
Откриени речиси 46 килограми кокаин во контејнер со банани на пристаништето во Солун
-
Собранието по скратена постапка го донесе Законот за вториот дел од унгарскиот заем
-
Песов: Украина продолжува да ги одбива преговорите со Русија
-
Светска програма за храна: Итно се потребни милијарди долари за да се реши проблемот со жариштата на гладта во светот
-
Путин: Западот ја турка Русија на црвената линија, Москва ќе мора да одговори
-
1.036 производи во „Новогодишната кошница“ - Пазарниот инспекторат констатирал ситни пропусти